Мазова: Актерот е број еден во моето толкување на нештата

Театарот освен што е скапа уметност, тој е и уметност која бара љубов, вели Лилјана Мазова која вечерва во рамките на фестивалот „Охридско лето“ ќе ја промовира нејзината театарска книга „Отворен круг“.

Според неа, театарот е отворен круг во кој секогаш има место за сите, а најголемата тежина отпаѓа на актерите зашто тие ги реализираат идеите на сите тетарски работници.

„Во театарот главни се актерите. Тежината на театарот паѓа врз грбот на актерите. Затоа и актерот е број еден во моето толкување на нештата. Во книгата се обидов на еден начин да си играм со приказни“, вели Мазова.

„Отворен круг“содржи 28 приказни од кои 24 се посветени на актерите, а  останатите се однесуваат на режисери. Интересно за одбележување е што се разботи за актери на различна возраст, од најмлади до веќе докажани доајени, и сите тие повеќепати или барем еднаш настапиле на фестивалот „Охридско лето“ каде што ќе се промовира книгата што им е посветена ним.

Костимографот Благој Мицковски нагласува дека целата своја кариера и она што досега се случило во театарот, го памети токму преку критиките на Мазова.

„Тоа е нешто што сега ни недостасува. Тоа беше една толку значајна работа.  Се она што го правиме ние, преку критиката добива смисла, без разлика дали било позитивно и ни давало мотив да работиме уште повеќе, или било негативно, па сме се запрашале каде навистина грешиме“, вели Мицковски.

Книгата „Отворен круг“ е во издание на издавачката куќа  „Силонс“. Ќе биде претставена вечерва во Центарот за култура „Григор Прличев“ со почеток во 23 часот,а за делото и авторката ќе говорат директорката на фестивалот „Охридско лето“ Елизабета Јанкуловска и актерот Драган Спасов – Дац.

mazova