Бурeн аплауз за македонскиот тенор

Концертот насловен „Седум песни од светлина и прав” на македонскиот амбасадор на културата Благој Нацоски  со овации беше поздравен од публиката во монденскиот локалитет Санта Маргерита Лигуре во Џенова, Италија.

Многубројните посетители во вилата Дурацио со бурен аплауз го наградија македонскиот оперски пејач кој, во рамките на концертот, на македонски јазик изведе дело напишано специјално за оваа пригода од италијанскиот композитор Анџело Инглезе  на стихови од Никола Маџиров. Станува збор за циклус од седум песни, претворени во музика, и тоа за камерен состав од два гласа, кларинет, виолина, виолончело и пијано.

На концертот настапија и познатите оперски уметници: Адријана Јоција – сопран, Луиџи Скифано – контратенор, Елена Бакјарело – кларинет, Константин Чобану – виолина, Џакомо Бјаџи – виолончело, како и композиторот Анџело Инглезе на пијано, кои изведоа италијански дела од дваесеттиот век, како и македонски дела од Прокопиев, Фирфов и Зографски.  

Концертот, кој се реализираше со поддршка од Министерството за култура, беше во рамките на италијанско-македонската вечер, а по повод одбележувањето на 20-годишнината од воспоставувањето дипломатски односи меѓу Република Македонија и Република Италија.

nacosko_02_640