Во спортската сала „Билјанини Извори“ во Охрид, сениорската репрезентација на Македонија со победа од 27 поени разлика над Австрија го отвори првиот турнир од подготовките за Евро-квалификациите. Избраниците на Александар Џикиќ со одлична тимска игра во текот на сите 40 минути, заслужено славеа со 98-71.
Иако Австријците подобро го почнаа натпреварот и во неколку наврати водеа и со по 8 поени разлика, нашата репрезентација предводена од Бојан Трајковски успеваше да ја одржи резултатската неизвесност до средината на првиот период. Селекторот Александар Џикиќ често менуваше со составот, испробувајќи повеќе различни варијанти на теренот, а Македонија до крајот на првата четвртина стигна до пресврт и до водство од 26-23. Дамјан и Војдан Стојановски, заедно со Хендрикс беа носители на играта во нападот на нашата репрезентација во тој период, по кој Македонија до крајот не ја испушти предноста. Одличната тимска игра на двата краја од теренот донесе двоцифрено водство до полувремето, кое во четвртата четвртина најмногу се искачи и до 29 поени, за заслужена висока победа на крајот од 98-71.
Сите 12 кошаркари во нашиот состав добија речиси еднаква минутажа и сите 12 успеаја да се запишат во листата на стрелци. Најпрецизен на крајот беше Бојан Трајковски со 20 поени, додека Дамјан Стојановски додаде 17 како втор најдобар стрелец. Двоцифрени беа и Војдан Стојановски и Брчков со по 10 поени. Со квалитетна игра во нападот и постојано креирање на чисти позиции за шут од далечина, Македонија постигна дури 14 тројки и тоа со високи 64 проценти реализација.
Пред натпреварот помеѓу Македонија и Австрија, турнирот во Охрид го отворија Романија и Грузија, во натпревар во кој Грузија славеше со 83-71.
Денес се играат нови натпревари во салата „Билјанини Извори“, а се среќаваат:
(18:00 часот) Грузија – Австрија
(20:30 часот) Македонија – Романија