Општина Охрид и УИНТ „Свети Апостол Павле“ потпишаа меморандум за соработка

Општина Охрид и Универзитетот за информатички науки и технологии „Свети Апостол Павле“ потпишаа Меморандум за соработка преку кој ја  утврдија рамката во која ќе се оствари соработка од заеднички интерес за двете институции.

Меѓусебната соработка на потписниците ќе се реализира во различни домени од делокругот на нивната работа, а посебно внимание ќе се даде на размена на релевантни информации кои се од заеднички интерес, заедничко учество на стручни едукации, семинари, конференции, тркалезни маси и други манифестации поврзани со јакнење на капацитетите и квалитетот на услугите на двете институции, заеднички придонес за развој на соодветни програми во склад со потребите на корисниците на услугите на двете институции и меѓусебна помош преку доставување на стручни совети, размена на досегашни и нови искуства.

Овој Меморандум предвидува и креирање на заеднички проекти кои се однесуваат на заедничките интереси, а како резултат на ваквата официјална соработка помеѓу институциите произлезе и проектот  за подготовка на мобилни апликации и видео за промоција на Конвенцијата за заштита на светското наследство и листата за светско наследство од Унеско. 

Проектот кој е веќе подготвен и ќе се аплицира произлегува од Програмата за интернационална помош од УНЕСКО. 

Меморандумот за соработка го потпишаа Градоначалникот на општина Охрид, Никола Бакрачески и ректорот на УИНТ „Свети Апостол Павле“, Нинослав Марина.