Секторот за внатрешни работи Охрид, против С.А.(24) од охридското село Лескоец и К.Д. (18) од селото Велгошти поднесе кривична пријава. Пријавата е поднесена поради постоење основи на сомнение дека заедно сториле две казнени дела „Тешка кражба“. Пријавениот С.А. дополнително се поврзува со уште шест тешки кражби извршени во Охрид. Тој е упатен во казнено поправниот дом затвор во Теферич каде издржува затворска казна додека на К.Д. одредена и е мерка куќен притвор до 30 дена.
На 29-ти минатиот месец, пријавените С.А. и К.Д. од куќа во Велгошти одзеле 25000,оо евра. Парите ги пронашле откако со употреба на подесен алат, насилно ја отвориле влезната и вратата од спалната соба каде забележале мала црна кожна торба со пари во апоени од 500 евра. Претходно, пријавените во Велгошти извршиле уште една тешка кражба од куќа. Совладувајќи ја висината со искачување, преку прозор влегле во внатрешноста на куќата и по пребарување одзеле еден метален сеф, три мобилни телефони и рачен саат. На втори овој месец, пријавениот С.А. преку терасата влегол во куќа на улицата „Караорман“ во Охрид и од спалната соба одзел паричник со 21.000,оо денари и кутија со накит и бисери. Тој, со кинење на мрежа поставена на прозорецот, влегол во куќа на улицата „Партизански одреди“ од каде одзел бижутерија, белегзии и обетки. Пријавениот С.А. извршил кражби и од хотелот „Белведере“ каде со прекачување преку балконската тераса влегол во две соби и одзел вкупно 350 евра, еден ајпод, една машка јакна и машки чевли.
Пријавените С.А. и К.Д. се лица познати на службата како наркозависници. Против С.А. за вакви и други казнени дела, СВР Охрид има поднесено повеќе кривични пријави.