Аркадиј Володос големиот гениј на клавијатурата, утре на Охридско лето

Еден од најистакнатите и најпознатите пијанисти во светот – Аркадиј Володос, на 19 јули (сабота), ќе одржи концерт во црквата „Света Софија“ како еден од најексклузивните гости на фестивалот „Охридско лето“. Овој „гениј на клавијатурата“ уште од своето деби, во 1996 година, постигнува бројни успеси низ целиот свет, свирејќи во најпрестижните сали, соработувајќи со врвни оркестри и диригенти, издавајќи бројни компакт дискови. Со својата безгранична виртуозност и поетичност во изведбата Аркадиј Володос ќе не врати во времето на романтизмот, преку убавите звуци на Франц Шуберт, Јоханес Брамс и Роберт Шуман.

„Несомнено е дека Аркади Володос е името по кое ќе се памети 54тото издание на фестивалот Охридско Лето. Особено ми е драго што после неколку години договарање, конечно го имаме Маестро Володос за прв пат на фестивалот и во Македонија. Володос е предводник на пијанистичката елита на денешницава, а неговото доаѓање значи вистинска гордост и почестеност за фестивалот. Овој „гениј“ со своето исклучително и неверојатно изведувачко мајсторство постојано ја придобива публиката низ целиот свет. Длабоко верувам дека неговиот концерт ќе биде посебен музички настан кој несомнено ќе остави длабоки траги во  сеќавањаta на публиката“ – изјавува селекторот на Фестивалот Гордана Јосифова-Неделковска.

Богатата изведувачка активност го носи овој уникатен пијанист во речиси секој дел од светот. Аркадиј Володос настапувал во Европа, Азија и Америка, каде соработувал со најеминентните оркестри, како: Берлинската филхармонија, Израелската филхармонија, Минхенската филхармонија, Бостонскиот симфониски оркестар, Њујоршката филхармонија и др., предводени од реномирани диригенти, меѓу кои Зубин Мехта, Лорин Маазел, Мјунг-Ван Чунг, Џејмс Левајн и многу други. А оваа година Аркадиј Володос токму на фестивалот „Охридско лето“ за прв пат настапува во нашата држава.

Концертот е со почеток во 21 часот.