Потпишан Договор за реципрочно признавање на возачките дозволи

Денес министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска престојува во работна посета на Министерството за внатрешни работи на Република Србија, при што оствари официјална средба со Министерот за внатрешни работи д-р Небојша Стефановиќ. Ова е прва средба на двајцата министри откако го добија својот мандат на оваа функција.

Покрај оценките за исклучително позитивната соработка, двајцата министри ја искористија средбата и да го потпишат Договорот меѓу Владите на Република Македонија и Република Србија за реципрочно признавање на возачките дозволи, кој е од исклучителна важност за граѓаните на двете држави, што по било која основа престојуваат на териториите на двете држави.

Во рамки на посетата, двајцата министри ќе го посетат и Центарот за основна полициска обука во Нови Сад.