Избраниците на Александар Џикиќ со максимален учинок од три победи во исто толку натпревари го завршија првиот подготвителен турнир за Евро-квалификациите, кој се одржа во Спортската сала „Билјанини Извори“ во Охрид. По убедливите победи над Австрија и Романија, македонските репрезентативци денеска со сигурна игра во текот на сите 40 минути убедливо ја совладаа и Грузија со резултат 85-55.
Со цврста и агилна одбрана уште од почетокот на натпреварот, нашите репрезентативци навестија дека првите ѕвезди во грузискиот состав, Заза Пачулија и Виктор Саникидзе, нема да добијат премногу шанси да ја постават својата игра. Иако во првиот дел од првата четвртина, Македонија имаше проблеми со реализацијата во нападот, дозволи да прими само три поени по речиси шест минути игра. Тимската одбрана не дозволи Грузија да се одлепи, а Бојан Трајковски и Александар Костоски предводеа низа поени за нашиот тим до крајот на првиот период, за водство од 18-14.
Со почетокот на вториот период, Војдан Стојановски влезе во серија реализации, а со поените на Марјан Јанески, Македонија за прв пат поведе со двоцифрена разлика (25-15). Слично како и на натпреварите против Австрија и Романија, избраниците на Александар Џикиќ знаеја како да ја одржуваат и постепено зголемуваат разликата, не дозволувајќи му на противникот во ниту еден момент да се понадева на пресврт. Џикиќ повторно често ротираше, давајќи еднаква шанса на сите кошаркари во тимот, кои ја искористија на најдобар можен начин, за во четвртата четвртина разликата да ја зголемат на 34 поени разлика. Грузија успеа до крај само да намали, за конечни 85-55 за Македонија.
Тимската игра беше повторно главната сила на нашиот состав, во кој 11 од 12 кошаркари се запишаа во листата на стрелци. Најпрецизен на крајот беше Војдан Стојановски со 21 поен, а двоцифрен број на поени постигнаа и Јанески, Трајковски и Соколов. По добро изработени акции, нашата репрезентација често креираше чисти ситуации за шут од далечина, а натпреварот го заврши со 16 постигнати тројки од 31 обид. Дополнително, цврстата и агилна одбрана допринесе Грузија да загуби дури 19 топки на натпреварот.
Со крајот на турнирот во Охрид, репрезентативците утре се враќаат во Скопје каде ги продолжуваат подготовките за квалификациите за Евробаскетот. Ќе се тренира редовно, по два пати дневно, до новите натпревари кои се закажани да се играат од 25 до 27 јули. СЦ „Борис Трајковски“ во тие датуми ќе биде домаќин на силен турнир, на кој Македонија ќе се сретне со Италија, Црна Гора и Полска.
Квалификациите за Евробаскетот 2015 почнуваат на 10 август, а првиот меч Македонија го игра на домашен терен против Белгија.