Женскиот камерен хор „Света Злата Мегленска“ освои две први и едно второ место нa Светските хорски игри кои се одржаа од 9 до 19 јули во Рига, Летонија, европската престолнина на културата за 2014 година.
Со поддршка на Министерството за култура, хорот „Света Злата Мегленска“, како единствен претставник од нашата земја, се натпреваруваше во три категории, и тоа: световна музика, црковна а-капела и фолклор.
На овој значаен натпревар во хорско пеење нашите претставници освоија први места во категоријата световна музика, во конкуренција од 34 хорови, и во категоријата фолклор, каде што се натпреваруваа со 38 хорови од разни земји во светот. Второто место, пак, го обезбедија во категоријата црковна музика каде што настапија во конкуренција од 36 хорови од: Русија, САД, Германија, Кина, Шведска, Летонија, Јужна Африка, Венецуела и Романија.
На Хорската олимпијада, која годинава се одржа по осми пат, учествуваа повеќе од 460 хорови од 60 земји.