Во врска со соопштението од ВМРО – Народна партија, реакција испрати ВМРО-ДПМНЕ во која стои:
„Секогаш кога во Охрид се инвестира, се гради за добро на народот се појавува феноменот наречен ВМРО – НП, кој со млитави соопштенија сака да фрли црна дамка на добрите проекти.
Очигледно Вам членови на НП, ви изгледа чудно и несфатливо носењето на одлуки од кои корист ќе имаат градот, а пред се охриѓани. Па оттука произлегуваат овие штури соопштенија со кои од петни жили се трудите да ја изманипулирате јавноста само заради една цел, а тоа е да го покриете вашиот неуспех кога бевте дел од Локалната власт.
Имено сликата која сакате да им ја претставите на граѓаните, за наводното развреднување на имотот на општината, е далеку од реалноста. Во физибилити студијата јасно стои дека Јавното претпријатие добива простор на приземјето од 1230 м2, добива 10 паркинг простори во подземниот паркинг. Зацртано е на вториот кат да добие минимум 200 м2, минимум затоа што за истиот ќе има јавно надавање со што се очекува просторот на вториот кат што ќе го добие Јавното претпријатие да биде значително поголем. Понатака постојната зграда ќе се реконструира во вредност од приближно 420 000 евра, а просторот што ќе биде предвиден за тезги, приватниот партнер целосно ќе уреди и опреми со 190 тезги. Но најважно е тоа што охриѓани ќе добијат модерен, затворен зелен пазар каде ќе можат да ги задоволат секојдневните потреби, а Охрид ќе добие убав и модерен објект на местото од сегашната руина.
Членови на НП со ваквите соопштенија вие само докажувате дека сте вознемирени од секој успех на Локалната владеачка структура и градоначалникот Никола Бакрачески. Да бевте барем малку совесни и да сакавте добро на Охрид и охриѓани ќе се радувавте на секој добар проект како што е проектот за пазарот и ќе ги наведневте главите затоа што ваквите добри дела не успеавте да ги направите во време кога партиципиравте во локалната власт.“ – се вели во реакцијата од ОК на ВМРО–ДПМНЕ Охрид.