Вкупно 59 раскази влегуваат во трка за наградата од 30.000 денари што Општина Охрид ја доделува за најдобар расказ, а по повод традиционалната културна манифестација, „Вечер на Живко Чинго“. Синоќа истече рокот за пријавување, а заинтересираните на адреса на Општина Охрид со назнака „за конкурсот за расказ“, во изминатиов едномесечен период трудовите ги доставуваа во печатена форма во три примероци со шифра на авторот без лични податоци. Се очекува Стручната жири-комисија резултатите од конкурсот да ги објави во дневниот печат најдоцна до 31 јули годинава, по што паричната награда за најдобар расказ на добитникот ќе му биде доделена на 13 август во рамките на културната манифестација „Вечер на Живко Чинго“ што по традиција се одржува во Велгошти, родното село на овој познат македонски писател. Бројот на заинтересирани за наградата „Живко Чинго“ расте од година во година. Во 2012 година по претходно распишан конкурс за неа биле пријавени 55, минатата година 48 а годинава бројот на пријавени раскази нарасна на 59.