Од денеска македонските граѓани и туристите од регионот ќе имаат можност да присуствуваат на повеќе од 160 настани во рамките на седмото издание на манифестацијата „Топол културен бран“ која се одвива во две етапи, и тоа од 20 до 31 јули и од 20 до 31 август.
Оваа манифестација за дисперзија на културата во изминатите години наиде на голем прием кај граѓаните во сите општини во Република Македонија и, несомнено, го потврди интересот за реализација на повеќе културни настани во текот на летниот период.
Според програмата на оваа значајна културна манифестација, денеска во општина Велес гостува ансамблот на Пеце Атанасовски, во општина Пехчево граѓаните ќе уживаат во стендап-кабарето „2 Mother Brothers“ во изведба на Никола Тодоровски и Стрезо Стаматовски, додека граѓаните и посетителите во општината Дојран ќе можат да се насмеат со стендап-комедијата на Маријан Георгиевски. Во Крива Паланка, Сатиричниот театар од Штип ќе настапи со претставата „Гледајте радио“, а граѓаните на општина Могила, пак, ќе имаат можност да проследат филмски проекции на долгометражни цртани филмови со образовна содржина, како и македонски играни филмови од Кинотеката на РМ. Во текот на денов во рамките на програмата на манифестацијата „Топол културен бран“ во општина Кочани, во соработка со НУКЦ „Бели мугри“ и Кинотеката на РМ, младата популација ќе ужива во проекциите на играни филмови за деца.