Ерменскиот виолончелист Нарек Хахназарјан и пијанистката Оксана Шевченко од Казахстан на „Охридско лето“

Вечерва, на фестивалот „Охридско лето“ концерт ќе одржи познатиот ерменски виолончелист од помладата генерација Нарек Хахназарјан, заедно со пијанистката Оксана Шевченко од Казахстан.

„Ова е неповторлива можност да се чуе еден музичар со „извонредна комбинација на техника и музикалност“, фраза со која што светските критичари го опишуваат виолончелистот Нарек Хахназарјан. Овој вторник, уверете се и самите во тоа.“ вели селекторката на Фестивалот Гордана Јосифова-Неделковска.

Хахназарјан и Шевченко веќе подолго време настапуваат заедно. Во 2011 година постигнале голем успех на натпреварот „Чајковски“ во Москва, каде Хахназарјан освоил прва награда и златен медал, а Шевченко се стекнала со наградата за најдобар пијано-соработник. И двајцата имаат активна изведувачка дејност. Настапувале со некои од најпознатите оркестри во светот и соработувале со голем број реномирани изведувачи и диригенти.

На репертоарот на овие двајца исклучителни изведувачи се дела од Лудвиг ван Бетовен, Роберт Шуман, Петар Илич Чајковски, Дмитриј Шостакович, Сергеј Рахмањинов и Мстислав Ростропович.

Концертот е во црквата „Света Софија“ со почеток во 21 часот.