Регионалниот одбор на СОНК Охрид се приклучи кон штрајкот со глад за поддршка на штипските професори

Од денес Советот на синдикатот започна  штрајк со глад, во знак на поддршка за тројцата професори од штипскиот Економски факултет кои останаа без работа. Во штрајкот се вклучени над 50 наставници и професори – членови на раководните органи, односно Советот и претседателството на СОНК.

Формалната одлука дефинитивно да се приклучи на штрајкот со глад СОНК ја донесе синоќа, откако  истече крајниот рок до кој синдикатот бараше од Штипскиот универзитет „Гоце Делчев“ да го спроведе решението на Државниот просветен инспекторат и да ги поправи грешките во постапката со кои тројцата професори не беа избрани во повисоки звања иако имаа позитивно мислење од Рецензентската комисија.

Кон штрајкот се приклучи и Регионалниот одбор на СОНК Охрид.

„Врз основа на одлуката на Советот на СОНК, донесена на 19.07.2014 во Скопје, во однос на протестот со глад на професорите од штипскиот универзитет,,Гоце Делчев“, Регионалниот одбор на СОНК- Охрид се солидаризира со штрајкувачите и од денес , па се до конечната разрешница ќе биде активно вклучен. СОНК бара постапката за унапредување во повисоко звање на професорите од Економскиот факултет при УГД да се реши соодветно на Решението од ДПИ, што значи повторување само на постапката на гласање на Наставно-научниот совет и тоа врз основа на рефератот на Рецензентската комисија.“- вели претседателот на Регионалниот одбор на СОНК Охрид, Ацо Речкоски.

Универзитетот „Гоце Делчев“ вчера преку соопштение повика на прекин на штрајкот со глад, уверувајќи ги професорите дека нивното прашање ќе се реши кон средината на август. Според тројцата професори, ваквото ветување е уште еден обид за манипулација, бидејќи ако нивниот избори не биде извршен до законскиот рок кој истекува на 2 август, целата постапка ќе мора да се повтори и да се распишат целосно нови конкурси.

strajk_cr

WebOhrid