Градоначалникот Бакрачески во посета на Трпејца

Градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески денес беше во посета на  туристичката  населба Трпејца –  македонското  „Сен тропе“ , при што заедно со  месното население и  угостителите ги согледуваа начините со  кои може да се подобри животот на мештани  како  и подобрување на услугите кои се  нудат  на гостите, со цел да се подобри остатокот од годинашнава летна  туристичка  сезона,  а со тоа и секоја наредна  да биде подобра од претходната.

Во пријатна атмосфера, мештаните му приоѓаа на градоначалникот Бакрачески  кој љубезно ги слушаше нивните барања и секојдневните проблеми кои ги тиштат, при што им укажуваше дека Локалната Самоуправа ќе направи се што е во нејзини ингеренции, со цел да се подобрат условите за живот на жителите  што би значело и подобрување на  туристичката понуда.

„Она што можам да го истакнам е дека Локалната Самоуправа во соработка со ЕВН- Македонија  ќе преземе активности за дислокација на една од трафостаниците во селото. Граѓаните имаат право кога се жалат на слабиот притисок на водата  во летните месеци , се надевам дека заедно со  Меѓуградското јавното претпријатие „ПРОАКВА“  ќе изнајдеме техничко решение за да се надмине и овој проблем,“ истакна градоначалникот Бакрачески  откако ги сослуша главните проблеми со кои се соочуваат трпејчани, а се однесуваа на преместување на една од трафостаниците и слабиот притисок на водата за пиење во лето.

На задоволство и на мештаните и на туристите градоначалникот Бакрачески, најави дека Општина Охрид работи на надминување на долгогодишниот  проблем со паркинг просторот во оваа туристичка населба што особено е изразен во летниот период. 

„Со националниот парк „Галичица“ договорено е дел од парцелата над патот која што  е одредена за уредување на паркинг простор да биде предаден на користење на ЈП „Билјанини Извори“ и со тоа на некој начин да ги задоволиме потребите на жителите на Трпејца но и на туристите кои што долги години доаѓаат во ова туристичко место  а за кои проблем претставуваше  паркирањето на автомобилите. Се надевам дека со  оваа активност  односно со решавање на  проблемот со паркинг просторот ќе  имаме можност во текот на  остатокот од оваа сезона и наредните да обезбедиме поголем број туристи и гости  во Трпејца“, додаде градоначалникот Бакрачески.

Мештаните и угостителите денес го поздравија присуството на градоначалникот Бакрачески во Трпејца и изразија огромно задоволство што градоначалникот покажа интерес  за решавање на проблемите со кои тие се соочуваат.     

При обиколката во селото Трпејца,градоначалникот Бакрачески  ги проследи  показната вежба за спасување на давеници  која  ја  реализираа екипи  на Црвен Крст од Охрид , а ги согледа и пливачките  техники  кои во рамки на културната манифестација „На зајдисонце “ која е во тек ги совладуваат  младите членови кои се дел од пливачката школа “Делфина“.

Градоначалникот Бакрачески најави уште многу наредни  средби со мештаните на други месни заедници, со цел да ги согледа проблемите со кои  тие се соочуваат, со намера Локалната самоуправа, во рамки на своите ингеренции максимално да  помогне во нивно решавање што би значело подобрување на нивниот живот.