Во врска со информациите за извршена измена на Правилникот за максимално дозволени количини на остатоци од средства за заштита на растенијата во храната и храната за животни како и за храната и храната за животни за кои се утврдуваат максимално дозволени количини на остатоци од средства за заштита на растенијата ( Службен гласник на РС бр 72/14 0д 14 јули 2014 година) од страна на Министерството за земјоделство и заштита на животната средина на Република Србија со кој го зголеми максимално дозволеното ниво на афлатоксин М1 од 0,05 на 0,25 микрограми на литар, од Агенцијата за храна и ветеринарство информираат дека станува збор за национален акт кој важи и се применува исклучиво на територијата на Република Србија.
Во Република Македонија се применува Правилникот за општите барања за безбедност на храната со кој максимално дозволеното ниво на афлатоксин М1 во млекото изнесува 0,05 микрограми. Правилникот е усогласен со европските стандарди кои се едни од најригорозните кога е безбедноста на храната во прашање и кои гарантираат високо ниво на заштита на потрошувачите.
На сила останува и примената на засилените мерки за контрола на увозот на млеко од соседна Србија и од земјите од регионот со задолжително земање мостра и лабораториско испитување на присуство на афлатоксин на секоја пратка. Ваквата мерка е гаранција дека ниту една пратка со млеко и производи од млеко со потекло од соседна Србија или од неколкуте земји од регионов не може да се најде на македонскиот пазар доколку со задолжителните лабораториски испитувања не се потврди дека истата е безбедна, односно дека ги исполнува одредбите од Правилникот со кој се дефинираат максимално дозволените концентрации на афлатоксин во млекото.