Едукативно информативни флаери од областа на сообраќајот за странски државјани

Во рамки на „Летната кампања 2014“ што ја организираат и реализираат Министерството за внатрешни работи и Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, а чија што главна цел е зголемување на безбедноста во сообраќајот преку низа превентивни активности, денес министерката за внатрешни работи м-р Гордана Јанкулоска заедно со директорот на Бирото за јавна безбедност Митко Чавков го посетија ГП Блаце каде што започна делењето на едукативно-информативни материјали (флаери) наменети за странските возачи кои транзитираат низ Република Македонија.

„Согласно програмата за реализација на оваа кампања, целна група на денешнава акција се возачи странски државјани  учесници во сообраќајот, кои транзитираат или престојуваат во Република Македонија, при што од денес на граничните премини во Република Македонија на овие граѓани, од страна на полициските службеници од граничната полиција ќе им бидат  поделени 100.000  флаери со едукативна содржина“, истакна министерката Јанкулоска која што симболично ја почна акцијата со делење флаери на странски државјани. Флаерите испечатени на англиски јазик содржат корисни информации за странците околу сообраќајните правила и прописи во Р. Македонија.

Инаку, во текот на минатата летна сезона (јуни, јули, август) на најферкфентните коридори 8 и 10 се случиле 45 сообраќајни несерќи во кои учествувале странски државјани при што 23 лица настрадале. Во две од нив загинале две лица, во седум сообраќајки три лица се здобиле со тешки телесни повреди, додека пак 18 лица минале со полесни повреди. Годинава пак заклучно со 21 јули на автопатиштата односно на коридорите 8 и 10 се случиле 23 сообраќајки во кои настрадале осум лица – во една од нив едно лице загинало а едно е потешко повредено, додека пак во две сообраќајко шест лица минале со полесни повреди.

Исто така во првите шест месеци од годинава регистрирани се вкупно 568 прекршоци сторени од странски возачи, пришто наплатени се 508 парични глоби, поднесени се 38 барања за прекршочна постапка и преземени се уште 22 други мерки кон странските возачи. Инаку како најчести причини за сообраќајните незгоди во кои учествувале странските државјани се неприлагодената брзината спрема условите на патот,  недржење страна и правец (најчесто поради заморот) како и непрописно престигнување или недржење растојание и слично.

По правило во летниот период, заради годишните одмори, зголемена е фреквенција на странци и возила на патиштата. На ГП Табановце дневно во просек на влез има и преку 15 000 лица, а на ГП Блаце околу 3.500. На ГП Богородица за излез и до 10 000, а на Ќафасан кон албанското приморје над 1.000 лица дневно.