Од 26 јули до 3 август ќе се одржи осмото издание на првенството во одбојка на песок, Beach Volleyball Охрид 2014, на плажата Бафало во Охрид.
И оваа година првенството го задржува својот меѓународен карактер, па покрај домашните одбојкари и одбојкарки, во Охрид се очекува настап на натпреварувачи од Србија, Бугарија, Албанија, Украина и Косово.
Минатата година шампионските пехари ги освоија Валон Никчи и Газменд Хусај од Косово во машка конкуренција и Марија Алаџова и Ирена Мишонова од Бугарија во женска конкуренција.
Покрај професионалниот турнир кој ќе се одржи од 1-3 август, на терените на Бафало во Охрид ќе можат да учествуваат и рекреативците, компаниите и одбојкарските надежи, почнувајќи со бизнис турнирот овој викенд, од 26 јули, па турнирот за рекреативци од 28 јули и јуниорскиот турнир на 30-31 јули.
Програмата на Beach Volleyball Ohrid 2014, покрај спортскиот натпреварувачки дел, како и секогаш, ќе биде надополнета со многу забава, музика и интересни настани организирани од спонзорите и партнерите на првенството, како и од присуството и учеството на јавните личности на најатрактивниот летен настан во Македонија.
За учесниците покрај медалите и пехарите, се предвидени и парични и стокови награди. Професионалците ќе се натпреваруваат за паричен награден фонд од 2.000 евра.
Пријавувањето за сите категории е во тек и може да се направи преку официјалната веб страница www.beachvolleyball.com.mk.
Организатори на Beachvolleyball Ohrid 2014 се Beach Volleyball Macedonia и Одбојкарската федерација на Македонија во соработка со градот Охрид и со поддршка на спонзорите и медиумските партнери на првенството во одбојка на песок.