Нови 250 деца од социјално ранливите категории утре ќе заминат на бесплатно летување што го обезбедува Владата преку проект на Министерството за труд и социјална политика.
Премиерот Никола Груевски денеска на официјалниот почеток на градежните работи за проширување на булеварот „Партизански одреди“ изјави дека како Влада планираат да продолжи овој проект и во иднина.
„Проектот континуирано се спроведува од летото 2012 година така што продолжуваме и годинава на децата кои припаѓаат на социјално загрозените семејства и децата кои се без родителска грижа да им обезбедиме бесплатно летување. Следната група од нови 250 деца поаѓа утре. Годинава заминаа 680 деца и има уште пет смени со 1.070 лица“, истакна Груевски, одговарајќи на новинарско прашање.
Според него, со овој проект се обезбедува целосно бесплатно летување или зимување на децата од социјално загрозените семејства со што се покажува грижа за оваа категорија граѓани.
„Во неколку наврати ги посетив и можам да кажам дека во многу случаи огромен број деца првпат заминуваат на летен или зимски одмор. Тоа е големо задоволство за нив, нешто што ќе го помнат цел живот. Тоа е нешто што им помага да не се чувствуваат поразлични од другите деца кои редовно одат на одмор. Затоа државата интервенира со ваква мерка“, нагласи Груевски.