Локалниот економски совет расправаше за текот на туристичката сезона

Локалниот економски совет или такавиканиот „Совет на градски татковци“ заедно со претставници на угостителско- туристичките асоцијации, денеска на седницата, со која претседаваше градоначалникот Никола Бакрачески, расправаше за текот на годинашнава туристичка сезона. Во расправата беше анализирана актуелната состојба и беше договорено, ваква средба да се одржи и на крајот на главната туристичка сезона, за да може навреме да се почне градењето на стратегија за следната година. Беше оценето дека, според проценките на експертите, во наредниов период значително ќе се зголеми бројот, пред се на домашните и туристите од соседните земји и дека и оваа година ќе имаме успешна туристичка сезона, а претставниците на туристичко- угостителските асоцијации ветија дека , како и досега ќе бидат добри домаќини.

Со оглед на шпекулациите кои во медиумите деновиве, летната туристичка сезона во Охрид нереално се оценува со призвук на негативна кампања, Локалната самоуправа и понатаму презема голем број на активности во интерес на развој и унапредување на туризмот. Иако туризмот во Охрид во минатото никогаш не бил водечка стопанска гранка, ниту по број на вработени, ниту по основ на приходи, по транзицискиот период и затварањето на поголомиот број на индустриски капацитети, зголемениот број на невработени лица излезот го бараа во преадаптација на домовите во сместувачки капацитети, како можност за генерирање на дополнителни приходи и извор на егзистенција. На овој начин туристичката понуда во Охрид енормно се зголеми во поглед на бројот на легла во приватниот сектор.

Од друга страна, со урбанизацијата на градот и изградбата на голем број на стамбени објекти, сериозно се зголеми нелојалната конкуренција во доменот на приватното сместување од страна на нерезидентни сопственици со нерегулиран статус на регистрирани станоиздавачи. Шареноликата понуда и во културната сфера овозможи градот години наназад, го добие статусот на дестинација за масовен туризам, со мала помош на конгресниот, спортскиот и алтернативниот туризам, беше речено на седницата на Локалниот економски совет.

Во расправата беше констатитано дека „ со оглед на промените кои се јавуваат во светските туристички трендови, овој тип на туризам веќе драстично губи на својата актуелност, на сметка на се поголемото влијание на активниот туризам со сите негови форми.

Иако една декада наназад, најголемиот процент на туристи кои доаѓаа во летниот период беа домашните, како и гостите од соседна Србија, оваа состојба последниве неколку години е драстично изменета. Генерално апсолутните бројки на туристи секоја година бележат раст, се менува сликата на потеклото на туристите, односно, на сметка на домашните и српските гости, кои ги има во се помал број, се зголемува бројот на странските туристи – претежно од земјите на Белнелукс, Турција, Полска и други кои доаѓаат во Охрид со готови аранжмани, од 7 дневни до оние како дел од кружни тури кои остануваат во Охрид од 2 до 3 дена “.

Промената на светските туристички трендови, како и соодносот на побарувачката и понудата, неминовно ја наметнува потребата од промени во стратешкиот пристап кон планирањето на развојот на туризмот во Охрид. Факт е дека години наназад, Охрид нема јасна визија стратегија во кој правец туризмот треба да се движи и развива, а од друга страна нема ни јасно дефиниран став во однос на побарувачката на туристите и понудата која градот ја има или треба да ја има. Секако, тука од особено значење е и огромната важност која во туризмот ја игра и градската инфраструктура (архитектонска, комунална, сообраќајна и сл.).

Ако на сево ова се надодадат и тенднециозните анти-кампањи кои секоја година во очи на летната туристичка сезона на удар го ставаат Охрид (написи со негативна конотација во медиумите), лошата слика која градот ја имаше во неорганизираноста на прифаќањето на гостите, неприфаќањето на трендовите на вонсезонски, па и сезонски акциски попусти на туристичките производи, неминовно беше очекувањето Охрид да стане град со предзнак за „панаѓурски“ туризам, во кој најголемиот дел од гостите беа нескобуџетните туристи. Сите овие фактори, сезоната која порано започнуваше од средината на јуни и траеше до крајот на август, ја сведоа на неколку шпиц викенди со релативно полупразни работни денови, се дел од тезите кои се слушнаа на проширената седница на Локалниот економски совет.

Во таа насока, како што беше речено, општина Охрид, во изминатата година презеде серија на активности во поглед на ставање ред во претходно наведените проблеми. Сепак, реално е да се каже дека и покрај интензитетот на реализацијата на предвидените проекти и активности, не може да се очекува пормена на состојбата преку ноќ, или во една сезона. Факт е дека на Охрид му треба севкупна мобилизација на сите чинители во туризмот, заземање на јасен и недвосмислен став и генерална мобилизација на туристичкиот сектор, во подготовка на план и стратегија за дефинирање на правецот на развој на туризмот, притоа безусловно прифаќајки ги светските трендови и движења во туризмот. Природното богатство, културно – историските споменици, големиот број на културно-уметнички, забавни и спортски настани и манифестации, подигнувањето на квалитетот на сместувачите капацитети, аеродромот, се само основа врз која треба да се темели правецот за развој на туризмот на градот.

Сепак, треба да се има во предвид огромната растечка конкуренција на туристичкиот пазар која ја има Охрид. Затоа, потребно е генерално да се искористат сите позитивни страни кои ги има Охрид, а да се прецизираат негативните и да се работи на нивно решавање. Истовремено, во предвид мора да се има и неминовноста од внесување на општи промени и надополнувања во туристичката понуда на градот, како суплемент на веќе постоечките и на еден начин изгустирани туристички производи.

Во оваа насока, особено значајно ќе биде изградбата на ски центарот на Галичица, градска марина, затворен пливачки базен, игралиште за фудбал на вештачка трева, хотели од висока категорија (изградба или пренамена на веќе постоечки), нов Центар на култура, организација на музички фестивали од висока категорија и сл.

Мора да се потенцира дека, напорите кои ги врши Локалната самоуправа во однос на изнаоѓање на инвеститори кои би отвориле стопански капацитети во Охрид и би вработиле значајна бројка на невработени, во секој случај ќе има директен бенефит и врз квалитетот на туристичката понуда на Охрид, имајќи во пердвид фактот дека би се намалил квантитетот на даватели на услуги во туризмот, а со тоа би се зголемил и квалитетот, односно со намалување на ресорпционата моќ на градот би се зголемила упте повеќе конкуренцијата, а со тоа и нивото на давање на услуги, стои во презенираните анализи на Секторот за туризам и локален економски развој.

Генерално, како што беше речено на денешната седница на Локалниот економски совет, во проширен осотав,може да се заклучи дека на Охрид му е потребна нова, издржана и прецизна стратегија за развој на туризмот, дефинирање на типот на туризмот кон кој треба да се стреми, сеопфатна и целосна кампања за промоција на Охрид, поддржана од сите туристички чинители во градот, како и локални и национални институции. Само на овој начин, следејќи ги светските трендови во туризмот, Охрид ќе може не само да го врати стариот сјат, туку и да прерасне во светска топ туристичка дестинација.