Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваниот aпостолски нунциј за Република Македонија, Н.Е. Архиепископ Анселмо Гвидо Пекорари.
На средбата, претседателот Иванов му посака добредојде на новоименуваниот aпостолски нунциј во Република Македонија и успешно извршување на одговорната должност, упатувајќи поздрави и до Неговата Светост, папата Франциск, со желби за неговата натамошна успешна работа, лична среќа и добро здравје.
„Историските врски меѓу двете земји навлегуваат длабоко во корените на глобалната духовност и универзалните христијански традиции, а важните личности и настани од заедничкото минато како што се светото дело на скопјанката Мајка Тереза и бесценетото наследство на светите апостоли Кирил и Методиј, претставуваат столбови на културниот образец на Европа”, истакна македонскиот претседател, оценувајќи дека сè уште постои неискористен потенцијал и простор за дополнително продлабочување на соработката меѓу двете земји.
Н.Е. Архиепископ Анселмо Гвидо Пекорари, изрази благодарност за можноста да му ги предаде акредитивните писма на македонскиот претседател, истовремено пренесувајќи ги импресиите на папата Франциск, од неодамнешната посета на Македонската делегација во Ватикан и во Рим, предводена од претседателот Иванов.
„Како aпостолски нунциј би сакал да ве уверам Ваша Екселенцијо во мојата целосна посветеност во поддршката и одржувањето на општото добро на оваа прекрасна нација, преку помагање на Католичката црква, но и на сите граѓански и верски заедници”, истакна Н.Е. Архиепископ Анселмо Гвидо Пекорари. Новоименуваниот апостолски нунциј додаде дека Светиот Престол и во иднина ќе продолжи со активното и динамично присуство во Република Македонија во насока на зајакнување на меѓусебната соработка.
Република Македонија, како што посочи Претседателот, е земја со мултиетничко и мултиконфесионално општество во која религиската различност се чува како богатство и фундамент на човековите слободи. Различните верски чувства се суштински дел на заедничката коегзистенција и на меѓусебната почит во ткивото на македонското општество. Република Македонија и Светиот Престол споделуваат заеднички духовни, културни и цивилизациски вредности, кои претставуваат цврсти мостови меѓу двете земји.