Опозициските советници бараат вонредна седница на Советот за уредување на просторот кај „Мостот на желбите“

Позади црквата „Св. Софија“ пред мостот на желбите, денес советниците од опозицијата одржаа прес-конференција, на која што побараа да се одржи вонредна седница на Советот на општина Охрид, на која што заедно би донесле одлука во кој правец би се одвивале активностите околу уривањето на Мостот на желбите, а исто така би дискутирало и околу изградбата на нова пешачка патека.

„За нас е сосема несфатлива одлуката на општинската власт на средина од и така лошата сезона која што се одвива во текот на оваа година, да донесе една таква одлука да го руши овој мост и да преземе одредени активности кои што понатака би оделе во правец на санирање. Оваа туристичка сезона сите знаеме како започна, очекуваме да продолжи во најдобра насока, и времето да се поправи, сепак и бројот на туристите кои што доаѓаат во Охрид да се зголеми, така да секако една од причините и една од околностите кои што ќе доведат до подобра туристичка сезона е секако и овој мост кој што во изминатите години претставуваше атракција во нашиот град. Овој мост го користат не само граѓаните кои живеат тука во населбата Канео, кои што навистина ги поврза овие граѓани на еден извонредно добар начин, меѓутоа го користат и многу од гостите. Реагираме како советници на оваа одлука најпрво заради тоа што сметаме дека на средина од оваа туристичка сезона не би требало да се преземаат вакви акции. Може една мирна дебата која што би била закажана во Советот на Општина Охрид, сите заедно да донесеме одлука во кој правец понатака да се одвиваат активностите околу рушењето на овој мост и изградувањето на нова пешачка патека и поврзување на една навистина добра туристичка атракција во градот Охрид, со самиот центар на градот. Апелираме до надлежните, до раководните во Општина Охрид, ако треба и една вонредна седница на Советот на Општина Охрид, да закажат една и единствена точка за расправа, а тоа е како да се уреди овој простор и како понатака да продолжат активностите околу овој простор. Често беше спомнувано дека овој мост е уште од 2009 година, една од навистина најпосетените туристички атракции, често беше споменувано дека претставува опасност кон граѓаните, меѓутоа до сега фала му на Бога немавме ниту еден инцидент и пожелуваме и понатака да нема, доколку навистина постои опасност од одрон на карпите, во тој правец да се преземат активности за да се санира тој дел, да не доаѓа до одрон на карпите, но овој мост на некој начин да остане како целина, да остане едно заштитно обележје на туристичката понуда на град Охрид.“ – истакна координаторот и советник на ОО на СДСМ Охрид, Јован Стојаноски.

Советникот на ОО на ЛДП Охрид, Дејан Блажески рече дека Мостот на желбите е од животно значење за граѓаните.

„Треба да се запрашаме колку е ова нормална земја која што толку години опстојува нешто што било надвор од план и што се смета за небезбедно и дивоградба, очигледно мостот го оправда своето постоење, досега не се случил немил настан. Ние како опозиција сме коректни и легалисти, меѓутоа преземањето на вакви активности во екот на катастрофална туристичка сезона знаете дека има само негативен исход, како по туризмот во градот, така и по животот на граѓаните кои живеат тука. Овој мост, според она што го зборуваат граѓаните е од животно значење за нив, затоа што постојат луѓе кои се стари и за прв пат после толку долго време стигнале, го виделе Канео. Од тој аспект, мостот треба да се дообезбеди, треба да биде предмет на поопсежна дебата, реално ингеренциите кои како совет ги немаме, меѓутоа без да го политизираме настанот, во интерес на граѓаните и на сите кои што доаѓаат, цврсто стоиме како опозициски советници на одлуката дека овој циркус, кој што ни се случува во време на туристичката сезона е недозволлив. Со самото тоа Охрид не смее да стане роб на никакви освети, нити политички борби, ни пак поединечни примери кои што реагираат за мостот. Многу е јасно дека нешто ако се сака место да се урне претходно треба да се направи алтернативен мост.“ – рече Блажески.

Во врска со проектот за изградба на нова пешачка патека, советничката на НСДП Охрид, Верица Хајба вели дека градоначалникот Бакрачески ветил дека ќе изврши анкета, со цел да се анкетира јавното мислење и стручната јавност.

„На последниот локален економски совет кој се одржа во Општина Охрид, градоначалникот во врска со новата пешачка патека, бидејќи беа поделени мислењата на учесниците на тој локален економски совет, дали е потребно да се гради нова пешачка патека од потегот Пристаниште до Канео, вети дека ќе изврши една анкета каде што ќе се анкетира јавното мислење на жителите на општина Охрид и на стручната јавност која живее во оваа општина. Би сакала да го повикам пред да пристапи кон градење, да ни се презентира проектот на таа нова пешачка патека и воедно да го слушнеме јавното мислење на луѓето и стручната јавност кои живеат во овој град. На Охрид му требаат нови пешачки патеки, меѓутоа пред се мислам дека треба да ги изградиме пешачките патеки кои самите граѓани ги градат, со нивното пешачење, а им се непознати на туристите кои го посетуваат Охрид. Апелирам, ако се оди кон градење на нови пешачки патеки, тогаш да се изгради пешачката патека која го поврзува Лабино со населбата Даљан и Воска.“ – рече Хајба.

На прес средбата, за значењто на Мостот на желбите се осврна и советничката на  СДСМ Охрид, Жаклина Лазаревска.

„Овде, на овој мост, не е само мост на желбите, романтично место кое го посетуваат странци, туку тоа е мост со кој граѓаните од Охрид направиле најдобра комуникација. Би сакала да ги запрашаме и луѓето кои живеат во Канео, колкав е приливот на туристи и бенефитот од посетата на туристи од 2009 навака, а каков беше претходно. Дали имаше поголем проток и поголеми можности за на некој начин да си го вадат лебот и комуницираат со останатите, тогаш или сега!?“ -запраша Лазаревска.

WebOhrid