Агенцијата за храна и ветеринарство, од почетокот на неделава почна со вршење на вонредни инспекциски контроли кај операторите со храна производители и преработувачи на месо и млеко, и на зелените пазари, согласно препораките на Комисијата за заразни болести за утврдување на изворот на заразата со бактеријата листерија, од која според информациите од Институтот за јавно здравје, за еден месец е регистрирана појава на 7 случаи кај кои лабораториски е потврдено присуство на оваа бактерија, од кои тројца починале. Во рамки на вонредните контроли, се земаат на соодветен број на мостри за лабораториско испитување за утврдување на евентуално присуство на бактеријата листерија. Резултатите од лабараториските испитувања на земените мостри во рамки на вонредните контроли Агенцијата очекува да ги добие за 4 до 5 дена.
Контроли за испитување на евентуално присуство на оваа бактерија кај домашното производство се вршат во рамки на годишната Програма за мониторинг на безбедноста на храната која се спроведува и оваа година. Минатата година, од страна на инспекторите земени се стотина мостри од прометот од производи од домашно производство. Резултатите од лабараториските испитувањата кај сите мостри биле негативни, односно во ниту еден испитан примерок не е констатирано присуство на оваа бактерија.
Во рамки на задолжителните контроли при увоз, минатата година земени биле 4 илјади мостри за лабораториско испитување при што ниту во еден примерок не е утврдено присуство на бактеријата листерија. Согласно Законот за безбедност на храна, примарната одговорност за безбедност на храната е кај операторите. Тие во рамки на имплементираниот HACCP систем, имаат обврска и секој месец да земаат одреден број на мостри (5 до 10 зависно од видот и обемот на операторот) и да извршат лабораториски испитувања, вклучително и на присуство на листерија.
Операторите не се задолжени за добиените резултати од испитувањата да ја информираат Агенцијата за храна и ветеринарство, но, имаат обврска пред инспекциските служби да докажат дека ги презеле потребните мерки за отстранување на евентуалните недоследности.