ОО на СДСМ Охрид испрати соопштение до медиумите во кое стои:
„Независно кој и како бил донатор на мостот, со неговата изградба во 2009 година се реши еден од најгорливите долгогодишни проблеми на жителите од месноста Канео, за брза и непречена комуникација со централното градско подрачје. И не само тоа – мостот веднаш стана најпосетуваната, најкористената и најпрактичната туристичка атракција во Охрид, што им овозможи на огромен број туристи секојдневно масовно да поминуваат по него кон Потпеш, Канео, Лабино, Плаошник и останатите атрактивни локации.
Сите активности околу изградба или движење на каков било објект во езерото во крајбрежниот појас сите овие години се во надлежност на Министерството за транспорт и врски и Капетанијата. Тоа се ресорни институции на Владата на Република Македонија, која што сите овие години е предводена од ВМРО-ДПМНЕ.
Зошто тогаш надлежните државни институции цели 5 години не реагирале, односно не го срушиле мостот? Ако е навистина мостот дивоградба, зошто тогаш цели 5 години таквата дивоградба е толерирана од страна на надлежните државни инспекциски органи?
Зарем сега, цели 5 години подоцна, во екот на туристичката сезона треба да се руши мостот? Ако е мостот нелегален, зошто, наместо да го руши, локалната самоуправа не ги презеде неопходните активности мостот да го легализира? И конечно, ако постои реална опасност од одрони од карпите, зошто надлежните државни и општински органи повеќе од 16 месеци не презеле никаква активност околу обезбедување на соодветна заштита од несакани последици?
Социјалдемократскиот сојуз секогаш ќе ги брани и заштитува интересите и потребите на граѓаните и туристите во Охрид. Затоа застануваме во одбрана на мостот на желбите во Охрид.“ – стои во соопштението од ОО на СДСМ Охрид.