Борис Трајанов, национален уметник за 2014 година

Македонскиот баритон Борис Трајанов е добитник на титулата национален уметник за 2014 година, соопшти министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска …

Трајанов ја добива титулата на иницијатива од Македонската опера и балет. Комисијата составена од академиците Катица Ќулафкова и Газанфер Бајрам, Оливер Белопета и Раде Силјан, по разгледувањето на пристигнатите предлози, одлучила дека Трајанов ги исполнува критериумите утврдени со Законот за национален уметник.

Канческа-Милевска информираше дека годинава во законски предвидениот рок во Министерството за култура пристигнале три иницијативи за титулата национален уметник. Покрај Трајанов, имало иницијатива на Младинскиот културен центар од Скопје за поетот Никола Маџиров и иницијатива на Друштвото за издавачка дејност „Каприкорнус“ ДООЕЛ Експорт-импорт од Скопје за проф. д-р Драги Михајловски.

Двајцата кандидати, како што рече министерката, не ги исполнувале условите, а Борис Трајанов ги исполнил и општите критериуми од Законот за национален уметник и поединечните критериуми предвидени во Законот, кои се однесуваат на вокално-инструменталните музичари.

„Македонскиот баритон Борис Трајанов е еден од најрепрезентативните музички уметници во Република Македонија. Со многубројните концерти одржани на релевантни светски афирмирани манифестации и фестивали, како и со освоените престижни меѓународни награди и признанија, дал врвен придонес во градењето и унапредувањето на културата и уметноста во нашата држава“ – потенцираше Канческа-Милевска.

01_press_-_Nacionalen_umetnik_2014_640

Трајанов својата уметничка кариера ја почна во средината на 80-тите години на минатиот век на оперските сцени од поранешна Југославија, а во почетокот на 90-тите години со голем успех продолжи на меѓународната сцена.

Во неговата професионална биографија е наведено дека толкувал разновиден репертоар од 43 водечки баритонски улоги, остварил околу 1.320 настапи, од кои 135 концерти и 1.186 оперски претстави, во голем број оперски куќи и на многубројни фестивали во Германија, САД, Латинска Америка, Русија, Јапонија, Кореја, Израел и во други земји, настапувајќи со некои од најголемите диригентски и пејачки имиња од светот на музиката.

По реномираниот македонски пијанист Симон Трпчески, филмскиот режисер Милчо Манчевски и естрадниот уметник Есма Теодосиевска-Реџепова, Борис Трајанов е четвртиот носител на ова највисоко признание од областа на културата.

Наградата е доживотен паричен надомест од 60 илјади денари месечно.