„Поет на мал народ“ – исклучително вреден документарец на младиот режисер Антонио Вељаноски

Документарниот филм „Поет на мал народ“ посветен на поетот Славе Ѓорѓо Димоски беше промовиран синоќа пред публиката на „Охридско лето“.

Петнаесетминутниот филм од една страна ја истакна исклучителната вредност на македонскиот поед Димоски, а од друга ја нагласи и неговата борба преку стихови за да се зачува јазикот на еден мал народ како што е Македонскиот.

Документарниот филм претставува портрет на македонскиот поет Славе Ѓорѓо Димоски, а приказната се следи преку три негови песни:„ Куќа“, „Траума“ и „Ноќта е црна Liebe Maria“. Покрај поетот, во филмот настапуваат Верица Недеска, Катерина Петреска и Александра Котушеска- Ристоска.

„Станува збор за документарен поетички портрет на нашиот поет Славе Ѓорѓо Димоски. Краткометражен филм од 15 минути кој го снимивме во текот на минатата година. Стилски избрав да го раскажувам во некакв сурреалистичен стил. Славе го познавам доста долго, повеќе од десет години и ми беше професор по македонски јазик и литеартура и уште од првиот час ми остави огромен впечаток. Едноставно, кога дојде моментот да снимам документарен филм се одлучив за него. Чувствував дека имаше импулси, и во соништата, и во мојата потсвест, дека во суштина, мојот прв документарен филм треба да биде за него“, рече пред промоцијата, режисерот Вељаноски.

antonio_promocija

Поет со ваква поетска дарба и поет-борец за зачувување на сопствениот јазик, според Вељаноски, мора да остане во аналите на македонската документаристика.

„Исклучително го ценам и почитувам овој македонски поет и сум многу среќен што целокупното негово творештво денеска ќе се овековечи со неговата збирка, а филмот е некаков вид бонус. Сметам дека документарен филм за него треба да има,“ вели младиот и исклучително талентиран режисер Вељаноски.

За овој документарен филм, Вељаноски ја доби и третата награда на 40. издание на фестивалот „Млада камера“, кој се одржува во Уничов, Република Чешка.

Антонио Вељаноски е дипломец на филмската академија ФАМУ во Прага, најстарата во Европа од која излегле познатите режисери Милош Форман, Јиржи Менцел, Емир Кустурица и др. Шеф на катедрата за монтажа на која студира Вељаноски е македонскиот режисер Иво Трајков.