Положено цвеќе на гробот на Гоце Делчев за почеток на „Илинденскиот планинарски марш 2014“

Денес, директорот на Агенцијата за млади и спорт, Марјан Спасески, претседателот на Федерацијата на планинарски спортови на Македонија, Јовица Угриновски и членови на ПСК „Бистра“ – Скопје положија свежо цвеќе на гробот на Гоце Делчев во Црквата „Св.Спас“ во Скопје, како увертира на традиционалниот “Илинденски Планинарски Марш 2014“ кој по 28-ми пат се одржува под покровителство на АМС. Тој е дел од активностите со кои Владата на Република Македонија, Агенцијата за млади и спорт и неколку спортски федерации ќе ја одбележат неделата на Илинденското празнување.

„Илинден е еден од најголемите и најзначајните национални празници на македонскиот народ, кој зазема значајно место во Македонската историја. Во насока на одбележување на 111 години од Илинденското востание и 70 години од првото заседание на АСНОМ, Агенцијата за млади и спорт ќе реализира неколку спортски активности“. – информираше директорот на Агенцијата за млади и спорт, Марјан Спасески.

Тој посочи дека покрај традиционалниот Илинденски Планинарски Марш 2014, ќе се реализира и симулација на Февруарскиот поход, искачување на највисокиот врв во Македонија „Голем Кораб“ и симболично искачување на „Славеј Планина“, каде се формираше првиот партизански одред „Мирче Ацев“. Истовремено, во соработка со Велосипедската федерација на Македонија, Агенцијата ќе организира и велоспидеска трка низ Македонија, под мотото „Кон иднината по стапките на традицијата”. Имено, како што информираше Спасески, преку 30 велоспидести од 31 јули ќе тргнат од Крушево и преку рута низ која ќе поминат 7 градови и 350 километри, на 2-ри Август ќе пристигнат во Пелинце.

Овие спортски одбележувања се само дел од пошироката програма на Владата ба Република Македонија за одбележување на Илинден, која годинава се реализира под мотото „Од сон до сонце“.