Според податоците на Државниот завод за статистика, раководителите ја оценуваат економската состојба на деловните субјекти во јуни 2014 година како поповолна во однос на претходниот месец, а како понеповолна во однос на јуни 2013. Оценката за обезбеденоста на производството со порачки е поповолна во однос на претходниот месец. Oценката за обемот на производството во јуни 2014 година е на исто ниво како и во претходниот месец, очекувањата за обемот на производството во наредните три месеци се понеповолни, а очекувањата за бројот на вработени се исти како и во претходниот месец. Во јуни 2014 година, залихите на суровини и репроматеријали, како и тековните набавки на суровини и репроматеријали се под и околу нормалата. Залихите на готовите производи во јуни 2014 година се зголемени во однос на мај 2014 година.
Просечното искористување на капацитетите на деловните субјекти во јуни 2014 година изнесува 61.2% од нормалното искористување. Најголемо влијание на ограничувањето на обемот на производството во јуни 2014 година имаат следните фактори: недоволната странска побарувачка со 25.8%, недоволната домашна побарувачка со 18.8%, неизвесното економско опкружување со 7.8% и финансиските проблеми со 7.6%.