Утревечер концерт на музичката младина на Македонија под диригентската палка на Емилио Перцан

Утре во црквата „Света Софија“ концерт ќе одржи Оркестарот на Музичката младина на Македонија под диригентската палка на Емилио Перцан. Како солисти ќе се појавуваат младите музичари – членови на оркестарот, а на концертот ќе учествува и германската чембалистка Тамила Галиева.

Музичката младина на Македонија е национална невладина организација која работи преку, со и за млади луѓе, развивајќи ја нивната креативност и поддржувајќи го нивното почетно јавно претставување на полето на музичката уметност. Досега има направено повеќе од 9.000 манифестации, концерти, мајсторски курсеви, курсеви за млади менаџери во културата, привлекувајќи над илјада уметници како солисти и над 7.000 учесници и програмски аниматори и организатори во различни ансамбли, проследени со милионски аудиториум.

„Со дејноста на Камерниот оркестар Музичката младина на Македонија цели 50 години остварува голем циклус разновидни активности. Интересно е тоа што оркестарот е единствен од ваков вид во Југоисточна Европа, а добитник е на голем број награди и признанија. Овој ансамбл е постојан гостин на фестивалот „Охриско лето“, со него настапувале голем број млади уметници под раководство на искусните диригенте од Македонија и други земји. Годинава ќе ги чуеме познатите но и поретко изведуваните дела од периодот на Барок подготвени од Емилио Перцан – македонски уметник кој специјално се занимава токму со оваа музика и успешно настапува низ светот“ – изјави селекторот на Фестивалот Гордана Јосифова-Неделковска.

Македонскиот диригент и виолинист Емилио Перцан под чиешто водство ќе настапи оркестарот своето образование го започнува во Македонија, а потоа заминува во Германија каде студира музика кај реномирани професори. Таму тој живее и работи веќе подолго време. Соработувал со голем број познати музичари, а настапувал и во некои од најпознатите сали во светот. Неговите концерти наоѓаат голем оѕив кај публиката и стручната критика.

„За мене е од посебно значење да бидам гостин на овој фестивал. Последен пат тука бев во 2007 година со мојот состав од Германија. Овојпат ми е посебно задоволство да работам со оркестарот на МММ во кој бев и јас дел пред многу години. Одбрав италијански барок. Според мене, најинтересниот дел од барокот е последниот стадиум на барокната ера. Се работи за многу познати композитори, но има и дела од помалку познати композитори. Одбрав програма што сум ја работел и со други ансамбли, сум ја свирел и диригирал. Интересно беше да го донесам тоа искуство од Германија и да го споделам со нашите студенти и да ги размениме знаењата“, рече Перцан на денешната прес конференција.

Чембалистката Тамила Галиева е родена во Азербејџан. По завршувањето на студиите во Баку, заминува во Германија каде го продолжува своето образование, а потоа останува да работи како професор на Универзитетот за уметности во Есен. Редовно настапува како солист и член на бројни ансамбли, во повеќе земји во светот. Добитник е на голем број награди.

Александар Герасимовски-претсдател на МММ потенцира дека долги години се на фестивалската сцена токму поради тоа што Охридско лето верува во младите музичари. „Оваа програма на нашиот долгогодишен соработник, другар и пријател Емилио Перцан е извонредно важна. Тоа е нешто што воздигнува и особено е важно што во неа учествуваат млади музичари кои растат заедно со програмата и учат преку овој тип на едуцурање. Охридско лето верува во овој оркестар и во нашата организација и затоа сме тука по 29-ти пат“.

На концертот ќе се изведат дела од Антонио Вивалди, Еваристо Феличе Далбако, Франческо Дуранте и Арканџело Корели. Почетокот на концертот е во 21 часот, а оние кои нема да можат да присуствуваат, ќе имаат можност да го следат концертот во живо на интернет, на следниов линк http://web.maxtv.mk/ohridskoleto.html.