„Интензивните реформски зафати во македонската полиција во сите сегменти од нејзиното функционирање реализирани во текот на изминативе години, во голема мера се должат на партнерството и помошта што МВР на РМ ја има од нашите пријатели од САД“, истакна меѓу другото министерката за внатрешни работи м-р Гордана Јанкулоска на денешното врачување на новата донација во техничка опрема од страна на амбасадата на САД во РМ наменета за потребите на МВР и Царинската управа а во рамки на Програмата за контрола на извозот и гранична безбедност (EXBS) што се одржа во скопскиот хотел “Александар Палас“.
Инаку, само во рамки на Програмата за контрола на извозот и граничната безбедност за потребите на царината и граничната полиција (EXBS) од 2000-тата година наваму преку амбасадата на САД во Република Македонија донирана е опрема во вредност од околу три милиони долари, од кои што 1,4 милион долари е опрема којашто најде свое место во секојдневното функционирање на полициските служби, во нивното поефикасно и поквалитетно работење.
Оваа последна донација вредна околу 65.000 долари се состои од високософистицирана техничка опрема наменета за новоформираните единици за криминалистичко разузнавање и анализа на ризик, со цел истите да се опремат според современите технички стандарди во борбата против меѓународните закани и прекуграничниот криминал, согласно позитивната пракса на ЕУ и насоките за анализа на ризик од Frontex а согласно Зaедничкиот интегриран модел за анализа на ризик на земјите на Европската Унија (CIRAM).