На „Охридско лето“ претстава за Његош, но и од поинаков, нестандарден агол

Претставата „Његош и јас“ ќе ја изведе Црногорскиот народен театар од Подгорица вечерва во рамките на фестивалот „Охридско лето“.

Оваа претстава, како што истакна нејзиниот автор, Паоло Маџели, се реализира по 37 години откако е напишана.

„Таа е всушност патување низ Црна Гора во кое се споредуваат некои мои тогашни и сегашни политички чувства напрема овој свет,или ако сакате, во еден дијалектички однос со еен свет кој според мене, неправедно се променил. Ми се чини дека сите ние многу малку водиме сметка за вчера, и со тоа не водиме сметка за утре“, истакна Маџели.

Претставата, според него, не е носталгична, не е во некво сеќавање, има некои сцени на шизофренија, но не е фиксирана во еден натуралистички однос.

„Нема никакви претензии тоа да биде една реконструкција на случувањата кога јас имав 25 години“– додаде авторот.

Музиката во претставата е дело на македонскиот композитор, охриѓанецот Љупчо Константинов со кого Маџели соработува точно три децении.

„Соработката со Паоло ја започнав во 1984 година. Една година претходно се сретнавме во Драмски театар во Скопје и следната веќе ја започнавме нашата соработка која трае и ден-денес, точно триесет години. Секоја претстава што се работи со него, за мене претставува една нова возбуда, нови откритија, нови сознанија, нов чекор напред во она што се вика театарска уметност. За оваа претстава музиката енамерно избрана од фрагменти и теми кои сум ги пишувал за претстави кои ги работев со паоло во периодот од 1984 година до 1990 година“-рече Константинов.

Како што истакна директорот на Црногорскиот народен театар, Јанко Љумовиќ, претставата „Његош и јас“ беше изведена минатата година во Котор по повод јубилејот, 200 години од раѓањето на великанот Петар Петровиќ –Његош.

„Наша одлука беше, на тој јубилеј да му пријдеме низ современа уметност, а не да земеме дело од Његош кое е некаде позиционирано на репертоарите во различни времиња. Добра и среќна околност е што се поклопија современиот театар, авторскиот проект и сјајната компелтна екипа. Соработката со Паоло беше извонредна зашто кога работи тој, секогаш тоа претставува еден процес и добивме претстава која на атипичен балкански начин го величи овој голем поет и гениј. Претставата пред се зборува за големата злоупотреба на поетот во различните векови, а посебно во 90-тите години на минатиот век“– рече Љумовиќ.

Маја Пелевиќ која глуми во оваа претстава вели дека процесот на создавање на овој проект за неа бил една атипична ситуација, како што рече, со оглед на тоа што целиот проект не се работел на класичен театарски начин.

„За мене е драгоцено и огромно искуството што го стекнав работејќи со Паоло, со кого ова е првата моја соработка. Низ целито тој работен процес, имав впечаток дека минувам низ сеќавањата на авторото и композиторот во тектоп на изминатите 30 години колку што трае нивната соработка,“ појасни Пелевиќ која во претставата игра со нејзиното домашно милениче, кучето Грета, за кого авторот на проектот вели дека одлчично си ја врши својата актерска работа.

Претставата „Његош и јас“ ќе се игра во Заливот на коските кај Градиште, со почеток во 21 часот.