Европската комисија денеска на својата интернет страница објави оглас со кој бара компании за рехабилитација, надградба и реконструкција на 10 железничките станици во Македонија долж пан-европскиот коридор 10, вклучувајќи го и кракот 10-д, согласно најдобрите практити во Европската Унија.
Со проектот за рехабилитација, надградба и реконструкција ќе бидат опфатени железничките станици во Велес, Прилеп, Битола, Гевгелија, Богомила, Чашка, Табановце, Демир Капија, Градско и Неготино – Вардар. Краен рок за поднесување на понудите на заинтересираните компании е до 30-ти следниот месец до 12 часот.
Целта на проектот е подобрување на целокупниот квалитет на услугите за патниците и карго-превозот, зголемувајќи ги техничките стандарди и капацитети на 10 железнички станици кои се лоцирани на коридорот 10 и кракот 10-д во Македонија.
„Предвидено е реновирање и надоградба на сите главни елементи на железничките станици, како што се водоводната и електричната инсталација – вклучувајќи ги и внатрешното и надворешното осветлување, санитариите, инсталација на системи за греење и ладење, системи за противпожарна заштита, патнички информативен систем, како и подобрување на пристапноста за товарен транспорт и достапност и поврзување со патниот транспорт (јавен и индивидуален). Посебно внимание при реализирањето на овој проект ќе се обрати на подобрувањето на пристапноста за лицата со намалена подвижност“, соопшти Министерството за транспорт и врски.
Со проектот, меѓу останатото, ќе бидат целосно заменети крововите, подовите, ќе се санираат фасадите и внатрешните ѕидови, ќе биде поставена нова термичка изолација и ќе се изградат нови тоалети кои ќе бидат посебно оспособени за користење и од страна на инвалидизирани лица. На платото пред влезот во железничките станици од страна на улицата се предвидува рампа за непречен пристап, а поради сигурност платото е предвидено да се поплочува со тактилна предупредувачка лента по рабовите.