Со поддршка од Министерството за култура, на мегалитската опсерваторија Кокино вчера рано наутро, во организација на Музејот од Куманово, беше одржана традиционалната манифестација „Бдеење на кокински мугри“ …
Приказната за мегалитската опсерваторија Кокино пред присутните ја раскажа археологот Јовица Станковски, кој истакна дека настанот претставува реконструкција на паганскиот обред на Кокино, каде што пред 4000 години, на 31 јули секоја година, на обредниот маркер изгревањето на сонцето го осветлувало камениот престол на кој седел племенскиот старешина или свештеник. На тој начин, според верувањата, богот Сонце на својот претставник на Земјата му го предавал легитимитетот да владее со останатите во племето.
Во рамките на манифестацијата, поезија читаа поетите од Друштвото на писателите од Куманово, а потоа митингот на поезијата продолжи во Меморијалниот центар „АСНОМ“ во Пелинце, по што следуваше и традиционалната посета на црквата во Старо Нагоричане.