Промовирани ковани пари за колекционерски цели „Кирил и Методиј“, „Лав“ и „Девица“

Денес, во Народната банка на Република Македонија се одржа промоција на кованите пари за колекционерски цели „Кирил и Методиј“ и на „Лав“ и „Девица“ од серијата „Хороскопски знаци“.

Кованите пари за колекционерски цели „Кирил и Методиј“, „Лав“ и „Девица“ се издадени од Народната банка на Република Македонија со oдлуките за издавање кована пара за колекционерски цели, О бр. 02-15/III-4/2014, О бр. 02-15/III-5/2014 и О бр. 02-15/IV-4/2014 („Службен весник на Република Македонија“ бр. 58/14 и 71/14).

Кованата пара „Кирил и Методиј“ ги има следниве карактеристики: 

– на аверсот е претставена слика на манастирот Свети Наум и седум светци над него, свети Кирил и Методиј и нивните пет ученици: свети Наум, свети Климент, свети Сава, свети Ангелариј и свети Горазд. На долниот дел од аверсот има натпис „Република Македонија“ на македонски јазик. На горниот дел, на десната страна, е прикажан македонскиот грб, а на левата страна е прикажан соодветниот апоен „100 денари“ или „1000 денари“ на македонски јазик. Во средината, во горниот дел, е претставена годината на издавање „2014“, а во средниот десен дел стои ознаката „Аg925“.

– на реверсот, се претставени портретите на свети Кирил и Методиј. Нивните имиња се напишани на македонски јазик над главите на светците и прикажан е украс по должината на периметарот.

Кованата пара „Кирил и Методиј“ со апоен од 1000 денари е изработена од сребро Ag925 и позлата Au999,9, со тежина на среброто од 500,00 г, тежина на златото од 0,003 г, чистота на среброто од 462,50 г и е во форма на правоаголник со димензии 90,00 х 135,00 мм, а кованата пара „Кирил и Методиј“ со апоен од 100 денари е изработена од сребро Ag925 и позлата Au999,9, со тежина на среброто од 31,10 г, тежина на златото од 0,0003 г, чистота на среброто од 28,77 г и е во форма на правоаголник со димензии 35 х 45 мм.

Цената на кованата пара „Кирил и Методиј“, со апоен од 1000 денари изнесува 49.000,00 денари, додека цената на кованата пара „Кирил и Методиј“, со апоен од 100 денари, во стандардно пакување изнесува 3.450,00 денари, а во репрезентативно пакување изнесува 3.800,00 денари.

Кованата пара „Лав“ ги има следниве карактеристики:

– на аверсот е прикажана украсна композиција што претставува симбол на времето, врз основа на Сонцето, Месечината и ѕвездите коишто го опкружуваат песочниот часовник. Сонцето е насликано со злато на вметнато, сино, тркалезно кобалтно стакленце (низ целото стакленце). На горниот дел од кованата пара е прикажан грбот на Република Македонија. По должината на периметарот, на двете страни, се прикажани симболите на осумте планети од Сончевиот систем коишто покрај Сонцето и Месечината влијаат на хороскопските знаци (Меркур, Венера, Марс, Јупитер, Сатурн, Уран, Нептун и Плутон). Исто така, по должината на периметарот се прикажани натписите: „Република Македонија“ и „10 денари“ на македонски јазик, како и годината на издавање „2014“ и ознаката „Ag925“.

– на реверсот е прикажан профилот на главата на Лавот. На десната страна е претставено соѕвездието коешто му одговара на хороскопскиот знак „Лав“, насликано на вметнато кобалтно стакленце и опкружено со украс. На долниот дел, по должината на периметарот, е прикажана круна со симболот на хороскопскиот знак „Лав“ и името на латински јазик. Одредени елементи на релјефот (симболот, окото и елементот од гривата на Лавот) се насликани со злато.

Оваа кована пара е изработена од сребро Ag925, со тежина на среброто од 21,00 г, чистота на среброто од 19,43 г, во овална форма со димензии 35 х 45 мм, полирани со 24-каратна златна меѓуоснова и вметнато тркалезно стакленце со димензии 18,4 х 6,1 мм.

Цената на кованата пара „Лав“ изнесува 2.700,00 денари.

Кованата пара „Девица“ ги има следниве карактеристики:

– на аверсот, е прикажана украсна композиција што претставува симбол на времето, врз основа на Сонцето, Месечината и ѕвездите коишто го опкружуваат песочниот часовник. Сонцето е насликано со злато на вметнато, сино, тркалезно кобалтно стакленце (низ целото стакленце). На горниот дел од кованата пара е прикажан грбот на Република Македонија. По должината на периметарот, на двете страни, се прикажани симболите на осумте планети од Сончевиот систем коишто, покрај Сонцето и Месечината, влијаат на хороскопските знаци (Меркур, Венера, Марс, Јупитер, Сатурн, Уран, Нептун и Плутон). Исто така, по должината на периметарот се прикажани натписите: „Република Македонија“ и „10 денари“ на македонски јазик, како и годината на издавање „2014“ и ознаката „Ag925“.

– на реверсот, на левата страна е прикажана слика на девојка на небесна нишалка. На десната страна е претставено соѕвездие коешто му одговара на хороскопскиот знак „Девица“, насликано на вметнато кобалтно стакленце и опкружено со цветен украс. На долниот дел, по должината на периметарот, е претставен цвет со симболот на хороскопскиот знак „Девица“ и името на латински јазик. Одредени елементи на релјефот (вклучувајќи го и симболот „Девица“, косата, елементи на фустанот и одредени цветови) се насликани со злато.

Оваа кована пара е изработена од сребро Ag925, со тежина на среброто од 21,00 г, чистота на среброто 19,43 г, во овална форма со димензии од 35 х 45 мм, полирани со 24-каратна златна меѓуоснова и вметнато тркалезно стакленце со димензии 18,4 х 6,1 мм.

Цената на кованата пара „Девица“ изнесува 2.700,00 денари.

Кованите пари за колекционерски цели „Кирил и Методиј“, „Лав“ и „Девица“ се законско средство за плаќање во Република Македонија.

Овие ковани пари за колекционерски цели се уникатни, репрезентативни и со извонредна уметничка вредност и ќе придонесат за промоција на Република Македонија.

Дополнителни информации за кованите пари за колекционерски цели се објавени на интернет-страницата на Народната банка на Република Македонија: www.nbrm.mk.