Илинден – сведок на македонската непокорност и темел на државноста

Со свечена седница, денес во големата сала на Општина Охрид, беше одбележана 111 годишнината од Илинденското востание и 70 години од првото заседание на АСНОМ. Во присуство на борци од НОВ, советници, пратеници и претставници на политички партии, од името на Општина Охрид, присутните ги поздрави заменик градоначалникот Ангел Јанев:

„Македонците водени од идеалите за слобода, рамноправност и еднаквост на секој народ и секоја индивидуа која живее на овој простор уште во 1903 година, преку Крушевскиот манифест, јасно покажаа дека, имаат напредна мисла и идеја како треба да се уредува заедничкиот живот со сите оние кои живеата во оваа наша заедничка куќа без разлика на вера и нација, обичаи и традиции и финансиски статус во општеството. Вековната борба за слобода конечно триумфира во НОВ, а со првото заседание на АСНОМ, Македонија и конституирана како држава со сите атрибути. Нашата денешна слободна Татковина е парче од светот каде во налетот на предизвиците кои ги носи глобализацијата и модерното време, се втемели за да опстои: Идентитетот Македонски, Јазикот Македонски, Песната Македонска, Културата и Литературата Македонска, или ако сакате – ние самите и она што сме – Македонци“, – истакна во своето обраќање заменик градоначалникот Ангел Јанев.

Од името на Општинската организација на Сојузот на борците од Охрид и Дебрца, на присутните им се обрати претседателот Гоце Георгиески:

„Илинден е датум кога Македонија слави за успехот, за храброста и за херојството и се искажува почитта кон жртвите кои ги положија животите за слободна Македонија. Нашата борба за слобода и напредок е заснована на историскиот континуитет на преплетување на идејните вредности на двата Илиндена, на избликот на националниот креативен потенцијал, на пркосот на духот желен за слободарство, на храброста запечатена со победа. Вториот Илинден ги внесе во себе цивилизациските придобивки на првиот, ги надгради и ги оствари. Наша света должност е да ја сочуваме тешко стекнатата слобода и да продолжиме да се бориме за правата на сите свои граѓани, пред се, правото на своето име, идентитет, јазик, култура и достоинствен живот во Република Македонија, како дел од обединета Европа. За таква вековита и просперитетна Република Македонија вреди да се живее и бори непрестано“, – истакна во својот говор Георгиески.

Свеченоста беше збогатена со настап на хорот на Здружението на пензионерите од Охрид и Дебрца.