А-Капела и модерен Битбокс донесоа „Белите вонземјани“ на Антички театар

Првата августовска вечер на 54-тото издание на „Охридско лето“ уште долго ќе се памети.

Публика од различни генерации синоќа го наполни Античкиот театар во Охрид и уживаше во исклучително добриот вокално-театарски перформанс што го приреди светската атракција која доаѓа од Израел, „Вока Пипл“.

Извонредна комбинација од вокални звуци и а-капела пеење споени со модерниот битбокс кој ги емитира звуците на оркестарот, на труба, тапани, гитари и други инструменти, и сето тоа надополнето со различни музички ефекти. „Вока Пипл“ успеаја да ја анимираат публиката во Охрид изведувајќи и хумористични елементи во својот настап.

Целовечерната комуникација помеѓу членовите на составот преку вокалната експресија допреа и до посетителите кои специјално синоќа доаѓаа не само од Охрид, туку и од останатите градови во Македонија, но и однадвор.

Во текот на изминатите фестивалски вечери имавме можност да чуеме виртуози на пијано, виолина, виолончело, а утревечер ќе ги чуеме златните гласови на членовите на „Вока Пипл“, виртуозите на вокалните способности и битбоксот. Ова шоу ги премeстува сите граници и култури, забавно, интересно и феноменално“- изјави селекторот на музичката програма на „Охридско лето“, Гордана Јосифова –Неделковска.

Освен по одличниот музичко-театарски перформанс, „Вока Пипл“ кај публиката на „Охридско лето“ ќе останат запаметени и како луѓето со бели костуми и црвени усни, или, како што и впрочем самите се нарекуваат, вонземјани кои моќна на музиката ги придвижува и ги носи на Земјата.