Изложба на уметнички слики од Вангел Наумовски под наслов „Големото срце и ум на Вангел“ беше отворена синоќа во неговата семејна галерија „Охридска порта –Љубица“.
Овој настан се одржува во организација на „Охридско лето“, во чест на двојниот празник Илинден, а по повод 90 години од раѓањето на уметникот Наумовски и шест децении од неговата прва самостојна изложба.
За неговото обемно творештво изложувано на над 30 самостојни и 100 групни изложби, за делата кои се наоѓаат во многу музеи во Македонија и во странство, како и кај познати колекционери во светот, ликовната критика, но и самите негови колеги, уметници во разни прилики се говори со голем пиетет.
Еден од нив е и големиот ликовен уметник Салвадор Дали кој по посетата на самостојната изложба на Наумовски во Париз во 1970 година изјавил дека Вангел е сликар од бајките.
„Би можеле да кажеме дека тој е некој марсејски сликар. Неговото творештво е блиско до моето. Мене не ме интересираат обичните наивни сликари. Кај Наумовски има некои елементи, кои можат да бидат дури и научни. Исто така, интересна е и биолошката страна на неговото сликарство” – посочил големиот Дали.
За неговите први ликовни рожби и Ото Бихалји- Мерин рекол дека нив мора да ги види светот.
Првата негова работа е цртач во ателјето за резба во Охрид, додека неговата прва изложба е во Охрид во 1954 година. Има изложувано на над 30 самостојни и 100 групни изложби, а неговите дела се наоѓаат во многу музеи во Македонија и низ светот. Првпат во странство Вангел Наумовски се претстави во 1961, стана член на Друштвото на ликовните уметници на Македонија во 1967 година кое на изложба во 1969 година му ја додели наградата „Свадбен венец”. Истата година градот Охрид му ја додели наградата за сликарство „Седми ноември”, година која е забележана и по неговото целосно преминување во сликарството како слободна професија.
Во 1974 Вангел Наумовски е награден со Гран при за сликарство од Колекцијата „Винстон” во Женева, ја доби и наградата за сликарство „Нерешки мајстори” на ДЛУМ, а во 1979 година стана член на италијанската Ацадемиа Италиа де белле Арти е дел Лаворо, од каде што е номиниран и за академик. Во Италија е награден и со Премио д’ Италиа 1980″.
На првото Биенале на југословенската самоука ликовна уметност во Светозарево во 1981 година добил откупна награда, а во истата година и награда за цртеж од Музејот на современата уметност во Скопје.
Вангел Наумовски е роден во 1924 година, а почина во 2006 година. Остави траен и специфичен белег во современата македонска уметност.