Светлана Ражњатовиќ – Цеца синоќа на стадионот „Билјанини извори“ во Охрид ги надмина очекувањата. И на организаторите и на публиката. Пред почетокот на концертот стотици фанови останаа пред врата затоа што српската фолк дива го распродаде охридскиот стадион. Нешто повеќе од 15.000 луѓе во еден глас пееја хитови и не само од последниот албум. „Лепи громе мој“, „Жуто пиле„, „Позив“, „Име и презиме“ беа парчиња од една цела музичка приказна низ која ги водеше неуморната Цеца. Со посвета за секоја песна не ги забораваше ниту мажите ниту жените во публика кои што вчерашниот концерт ќе го паметат по добро.
Ражњатовиќ на сцената пред македонската публика се задржа нешто повеќе од два часа. Но во ниту еден момент не ја намали динамиката на концертот. Во елегантен фустан владееше и со сцената и со публиката која пак освен бурни аплаузи, рефрени и стихови во еден глас, ја наградуваше оваа фолк икона и со рози на сцена.
Неколкупати спомена дека е вистинско задоволство да се пее пред македонската публика. Неколку часа пред почетокот на концертот, Цеца пристигна во Охрид со желба да проба вистински македонски рецепти затоа што како што и сама изјави во Македонија со храна и песна не можеш да згрешиш.
„Цеца е вистински феномен. Концертот почна и заврши во еден здив. Со Цеца никогаш не е здодевно затоа што нема нејзина песна која што публиката не ја знае. Од организациски аспект се протече во најдобар ред. За техничкиот дел односно сцена и озвучување одговорна беше продукцијата на Ражњатовиќ и воопшто не се сомневам дека Охрид го доби она што веќе имаше можност да го слушне половина Европа“ – изјави организаторот на концертот Кристијан Стефановски.
Концертот беше во организација на План Б Продукција и воедно ова беше прв и најголем концерт на Цеца во Охрид.