Охридската публика последна ги виде играните филмови на режисерот Георгиевски во стар формат – тие ќе се дигитализираат

Во рамките на фестивалот „Охридско лето“ и во соработка со Кинотека на Република Македонија вчера се прикажаа четири играни филма од истакнатиот македонски режисер Љубиша Георгиевски.

Со овој настан, како што рекоа од дирекцијата на „Охридско лето“, фестивалот одбележува 77 години од раѓањето на Георгиевски, како и 55 години од неговиот творечки опус, а истовремено се приклучува и кон чествувањето на големиот македонски празник – Илинден.

„Кинотеката на Македонија и Охридско лето и ова фестивалско издание го афирмираат филмот и ја потврдуваат вредноста на нашето аудиовизуелно наследство. Денес уште еднаш, заедно со сите филмски и културни работници но и со сите граѓани на Република Македонија ја празнуваме филмската уметност и достојно го прославуваме филмот, Во знакот на големиот јубилеј, 77 години од раѓањето на Љубиша Георгиевски и 55 години од неговото творештво, Кинотека на Р. Македонија и „Охридско лето“ организираат филмски маратон во кој се вклучени сите играни филмовина режисерот. Токму затоа годинешново 54-то издание на фестивалот е уште поголемо и позначајно“,истакнаа од фестивалската дирекција.

Попладнето беа прикажани играните филмови „Под исто небо“ во кој Георгиевски се јавува како корежисер со Миодраг Мики Стаменковиќ, а потоа и филмот „Планината на гневот“. Синоќа пак, во празничниот амбиент публиката на „Охридксо лето“ имаше можност да го погледне филмот „Републиката во пламен“, но и „Цената на градот“, по кој режисерот целосно се посветува на театарскиот живот.

Како што истакна Петар Волнаровски , раководител на Одделенеието за јавна истражувачка и издавачка дејност во Кинотека на Македонија, охридската публика е последната што ќе ги види филмовите на Георгиевски преку старите копии.

Ова е убава можност да се претстави за последен пат творештвото и опусот на Љубиша Георгиевски со филмски копии коишто го носат белегот на времето. Тоа се постари копии со малку постар квалитет. Веројатно ова и последна таква ретроспектива на филмовите на овој наш режисер, бидејќи до крајот на годинава треба да биде завршен и проектот за дигитална реставрација на неговите филмови“, најави Волнаровски.

Според него, на ДВД-издание ќе бидат ставени сите негови филмски проекти, не само играните, туку и краткометражните и документарните филмови на Љубиша Георгиевски.

„До крајот на годинава ќе имаме дигитално реставрирани дигитализирани копии така што отсега натаму и старите, првите филмови на овој наш голем режисер Љубиша Георгиевски кој можеби и прв го воведе оној елементарен артизам во филмот, ќе можат да се видат во нивното оригинално светло, онака како што биле на премиерата, ако не и подобро“-додаде Волнаровски.

Тој синоќа  ја истакна плодната соработка со фестивалот „Охридско лето“ се одвива веќе неколку години наназад.

„Ние сме многу задоволни од соработката со „Охридско лето“ која тече со години и е беспрекорна. Секогаш ни преставува радост и задоволство да соработуваме со фестивалот“– рече Волнаровски.

Љубиша Георгиевски со својата 55-годишна плодна работа остава траен белег во македонската кинематографија преку неговите филмски проекти, но и во театарскиот живот преку неговите сценарија и префинетото чувство за режирање.