Министерството за образование и наука објави два конкурси за доделување на еднократни финансиски средства, со коишто продолжува да ја поддржува научно – истражувачката и творечката дејност на научно истражувачкиот и наставен кадар од високообразовните и научните установи во Република Македонија.
Првиот конкурс се однесува на доделување на таканаречени “научни субвенции“, односно еднократни финансиски средства во висина од 30.000 денари за објавени научно-истражувачки трудови на домашни автори во меѓународни научни списанија со фактор на влијание.
„Овој конкурс се објавува веќе четврта година по ред и предвидува доделување на еднократни средства за најмногу 300 научно-истражувачки трудови објавени во 2014 година, поделени во 6 области и тоа: природно-математички науки, техничко-технолошки, медицински науки и здравство, биотехнички, општествени и хуманистички науки“, рече министерот Адеми на прес конференција.
Вториот конкурс се однесува на доделување таканаречени “творечки субвенции“, односно еднократни финансиски средства во висина од 30.000 денари, за творечките дејности реализирани во 2013 година од страна на наставници и соработници на високообразовни и научни установи од научните области на ликовната уметност и архитектурата, драмската уметност, музичката уметност, филм и книжевност.
Како што истакна Адеми, субвенциите чиишто број не е ограничен, се однесуваат на три типа на творечки дејности: учество или настап на фестивал кој е член на Европската асоцијација на фестивали (European Festivals Association); учество на меѓународен проект и манифестација надвор од Република Македонија, како национален претставник, или учество или настап на меѓународен проект и манифестација надвор од Република Македонија, каде изборот на учесниците се објавува по пат на конкурс, аудиција или селекција.
Министерот Адеми потенцираше дека сите подетални информации за начинот, условите и потребната документација за пријавување, заинтересираните може да ги најдат во конкурсите кои се објавени во печатените медиуми и на интернет страницата на министерството.
Крајниот рок за аплицирање за творечките субвенции е 31.10.2014 година, додека за научните субвенции може да се аплицира до 31.7.2015 година.