Обем на стоковната размена со странство

Според претходните податоци на Државниот завод за статистика, вкупната вредност на извозот на стоки од Република Македонија во периодот јануари-јуни 2014 година изнесува 2 357 790 илјади САД долари, а на увозот 3 551 715 илјади САД долари. Покриеноста на увозот со извоз е 66.4%. Трговскиот дефицит, во периодот јануари-јуни 2014 година, изнесува 1 193 925 илјади САД долари.

Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, фероникелот, сетови на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, производите од железо и челик (валани производи) и облеката. Во увозот најмногу се застапени суровата нафта, платината и легурите на платина, необработени или во прав, електричната енергија и други метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав.

Во периодот јануари-јуни 2014 година, најголемо учество во извозот на стоки имаат земјите-членки на ЕУ 28 (78.8%) и земјите од Западен Балкан (13.7%), а во увозот на стоки најголемо учество имаат земјите-членки на ЕУ 28 (64.5%) и Останати земји, на друго место неспомнати(11.1%). Според вкупниот обем на надворешно- трговската размена, Република Македонија најмногу тргува со Германија, Велика Британија, Грција, Србија и Италија (52.8% од вкупната надворешно-трговска размена се врши со овие пет земји).