Во „Света Софија“ одекнуваа акордите на гитарата од Багески

Концерт на класична музика се одржа синоќа пред многубројната публика во катедралната црква „Света Софија“. Со атрактивна и разновидна програма настапи познатиот македонски гитарист Дарко Багески кој ги воодушеви љубителите на класиката.

Гитаристот кој уметноста на овој инструмент ја изучуваше во Македонија, Хрватска, Германија и Грција отсвири дела од Јохан Каспар Мерц, Мауро Џулијани, Агустин Бариос, Дилермандо Реис, Роланд Диен и Јован Јовичиќ.

darko_bageski_koncert1

Селекторката на музичката програма на „Охридско лето“ Гордана Јосифова –Неделкоска задоволна одсиноќешниот концерт. Според неа истакнатите македонски изведувачи редовно настапуваат на охридската фестивалска сцена.

Секоја година фестивалот „Охридско лето“ со големо задоволство ги поканува и истакнатите домашни изведувачи. Оваа година публиката на Фестивалот имаше можност да го чуе македонскиот гитарист Дарко Багески со атрактивна и разновидна програма со која гитаристите знаат да ги пленат слушателите. Со својата интернационална кариера и многубројните успеси во Македонија и странство, Багески покажа и докажа дека нашата земја има со што да се гордее“ –изјави Јосифова-Неделковска.

Багески е често присутен како солист на повеќе музички сцени во Европа но и САД,а се усовршувал и преку меѓународни стручни семинари и мајсторски курсеви кај еминентни професори и педагози по класична гитара.

Покрај изведувачката дејност, Багески се јавува и како претседател на Здружението на класични гитаристи на Република Македонија, член на повеќе интернационални жири комисии, а значајна е и неговата улога во основањето на меѓународниот фестивал „Гитар Фест – Тремоло“.

Своето богато искуство тој им го пренесува на помладите генерации со наставната работа како професор на Факултетот за музичко уметност – Скопје.

Gordana-Bageski