Германската ОДВ електрик во Охрид и американската КСС во Кичево на есен почнуваат со работа. И двете компании кои пролетва најавија инвестиции во Македонија до крајот на овој месец ќе завршат со адаптација на објектите и ќе ги монтираат машините. Првата група работници кои заминаа на обука во Украина се враќаат до септември кога ќе стартува производството, вели во изјава за економски.мк првиот човек на Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони, Виктор Мизо.
Овие две компании произведуваат автомобилски делови и ќе вработат околу 2000 луѓе во охридско-кичевскиот регион. Германската компанија најдоцна до пролет 2015 ќе почне и со изградба на сопствен објект во охридско- струшката слободна зона.
Од есенва ќе почне изградбата и на уште неколку инвестиции кои беа најавени годинава. Италјанската Диатек идната недела ќе регистрира фирма во земјава. Оваа компанијата од печатарската индустрија во Скопје ќе ионвестира 10 милиони евра и ќе вработи 200 лица.
Техникл текстајл, германската компанија која ќе инветсира во зоната во Штип и ќе вработи околу 600 лица, во моментов од три понуди треба да ја избере компанијата која ќе го гради објектот.
Градежна компанија бира и италјанската Монтанте која во Скопје ќе произведува амортизери.
Минатата недела во посета на Македонија биле претставници на мултинационалната групација ВЕИБО кои ќе вработат околу 5000 лица во текстилните фабрики кои ќе ги градат во зоната во Ранковце. Тимот на Веибо во регионот околу Ранковце бара локации каде ќе врши обуки на работниците.
Извор: Нет Прес