Трусов: Во лето секогаш се потсетуваме на периодот кога се одржува „Охридско лето“

Многу ретко изведувани дела, меѓу нив и премиерни имаше можност да слушне публиката на „Охридско лето“ на синоќешниот концерт што го приредија младиот но етаблиран пијанист Кирил Трусов и неговата сестра виолинистката Александра Трусова.

Ова камерно дуо со богата биографија, во црквата „Света Софија“ изведе дела од француско-руски композитори со кои ја воодушевија публиката и докажаа дека заслужено настапуваат третпат во рамките на фестивалот.

Ова прекрасно дуо има настапено на „Охридско лето“ во 2008 и 2010 година и навистина публиката ги памети како дуо коешто приредува концерт за паметење. Ова беше причина повеќе, повторно да бидат наши гости и да приредат уште едно уметничко изненадување за нашата почитувана фестивалска публика“-истакна музичкиот селектор на фестивалот Гордана Јосифова Неделковска.

Kiril_Trusov2

Двајцата уметници воодушевени од верноста што им ја покажува фестивалската публика, велат дека секогаш кога ќе бидат поканети ќе учествуваат на охридската сцена.

„Во лето секогаш се присетуваме на периодот кога трае „Охридско лето“. Носам прекрасни спомни и од првиот пат кога учествував на фестивалот во 2008, и уште поинтензивни сеќавања од 2010 година кога вторпат присуствував на фестивалот“– изјави Кирил Трусов.

Трусов е еден од најзначајните виолинисти на својата генерација. Се образувал под менторство на истакнатите уметници и педагози Захар Брон и Кристоф Попен, како и Игор Ојстрах и Јехуди Менухин. Со своите многубројни солистички настапи, Трусов стекнал углед на исклучителен уметник, а неговите концерти се многу високо оценети од голем број критичари во светот. Настапувал со различни оркестри од целиот свет (Филхармонискиот оркестар на Минхен, Националниот оркестар на Франција, Радио-симфонискиот оркестар на Баден-Баден и др.), а исто така соработувал и со диригенти како Сер Невил Маринер, Лоренс Фостер, Владимир Спиваков, Дејвид Стерн и др. Трусов настапува и како камерен музичар. Добитник е на голем број награди и признанија (Наградата „Давидоф“ на музичкиот фестивал „Шлезвих-Холштајн“, европската награда „Про-Европа“ и др.). Оваа година значаен е и неговиот настап на Зимските олимписки игри во Сочи. Свири на виолина „Страдивари“ која потекнува од 1702 година, на која свирел познатиот виолинист од 19-тиот век – Адолф Бродски.

Неговата сестра Александра своето образование го стекнува во својот роден град – Санкт- Петербург, а потоа се надградува под менторство на Џејмс Токо во Лубек, Дмитриј Башкиров во Мадрид, Вадим Суханов во Минхен и Алфредо Перл во Детмолд. Во својата кариера настапувала во значајни центри во Европа, Америка, Канада и Јапонија, со реномирани диригенти како Лорин Маазел, Јозеф Сук, Мајкл Тилкин, Волтер Велер и др. Често настапува на интернационални музички фестивали како солист и како камерен изведувач. Исто така, со години успешно настапува и со својот брат, виолинистот Кирил Трусов, дуо кое со своите настапи добива признанија низ целиот свет. Трусова е добитник на повеќе интернационални награди.

TRUSOV_publika1