Општина Охрид и „Охридско лето“ заедно ќе го чествуваат Денот на Св.Климент

Со вечерашната премиера на филмот „Апостоли на Словените – двајца браќа една животна мисија“ што со почеток во 21 часот ќе се прикажува во ЦК „Григор Прличев“, Општина Охрид и фестивалот „Охридско лето“ и годинава заедно ќе го одбележат големиот празник Свети Климент летен- патронот на градот.

Градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески вели дека Охрид – градот на УНЕСКО, и Фестивалот „Охридско лето“ се обележје на културниот идентитет на најдоброто творештво на меѓународно ниво и затоа меѓусебната соработката ќе продолжи и во иднина.

„Со воспоставувањето на една ваква соработка и координација помеѓу Локалната самоуправа во Охрид и НУ Охридско лето настојуваме заедно да допринесеме за поголемо културно издигнување на Охрид. Потребно е да се реализираат уште многу нови проекти од областа на културата со што ќе се направи еден силен исчекор на културен план“, вели Бакрачески.

Според директорката на „Охридско лето“ Елизабета Јанкуловска, соработката помеѓу Националната установа „Охридско лето“ и Општина Охрид во голема мера допринесува кон подигнување на степенот на културен развој на Охрид преку одржување на високото реноме на Фестивалот кое го има на светската уметничка сцена, заложба за уште поголеми дострели во културата и реализирање на квалитетни настани. Со тоа Установата и Општината ќе го оправдаат епитетот на градот- најголемиот културен и духовен центар во Македонија, смета Јанкуловска.

„Охридско лето, како водечка манифестација на културната уметничка сцена, каде се врежани имињата на најславните светски уметнички имиња, е брендот на Охрид , градот кој преставува културен, духовен и туристички центар на Македонија“, додава директорката на Охридско лето.

Новиот историски филм за светите браќа Кирил и Методиј, кој вечерва во рамки на фестивалот “Охридско Лето“ ќе се прикажува во Охрид е на чешкиот режисер Петр Николаев, а во продукција на Виктор Криштоф, кој ќе биде специјален гостин на македонската премиера. Филмот е снимен по повод 1150-годишнината од почетокот на мисијата на Кирил и Методиј и се бави со прикажување на нивните дела во ширењето на словенската писменост.

Македонската премиера на филмот за светите Кирил и Методиј, на фестивалската програма на Охридско лето ќе се случи благодарение на Јован Буџакоски и Александар Глигуроски, охриѓани кои веќе 15 години успешно ја водат фирмата „Буџак“ с. р .о во Прага, Чешка. Според нив Охрид е единственото место кое заслужува прикажување на овој филм а овој голем празник за градот е најсоодветен термин охриѓани и гостите да го видат за прв пат.

„Кога го видовме филмот на телевизија воопшто не се двоумевме дека треба да го донесеме во Македонија за да го види и почувствува овдешната публика, целиот македонски народ. Направивме напори со колегата Александар да го преведеме и потоа да бидеме спонзори на „Охридско лето“ за да во негови рамките се случи и оваа промоција за која влезот за сите посетители е слободен“, – истакнува Јован Буџакоски.

Заедничката прослава на Општина Охрид и Националната установа „Охридско лето“ по повод Св. Климент летен кој е еден од најголемите и најзначајните празници за Охрид и неговите жители веќе станува традиција. Токму за тој ден минатата година се одржа концертот на Антички театар на етно групата „Љубојна“ со новиот проект „Љубојна брас фантази“, кој беше најпосетениот настан кој предизвика позитивни реакции во јавноста.