ФЗОМ со две новини кои се однесуваат за остварување на правото за ин-витро како и здравствено осигурување за иселениците

ФЗОМ ја информира јавноста за две новини кои се однесуваат за остварување на правото за ин-витро како и здравствено осигурување за иселениците.

Првата новина се однесува на измени во Правилникот за биомедицинско потпомогнато оплодување (ин-витро), со цел да се овозможи и олесни постапката за остварување на правото на осигурениците-брачни парови кои се лекуваат од стерилитет.

Имено со оваа измена која стапува на сила по 16.08.2014 се овозможи осигуреничките кои имаат ограничена оваријална резерва на јајниците и отстапување од нормалните вредности на одредени хормони (FSH и anti-Mullerian хормон во серум) како и отстапуање од минималниот број на антрални фоликули на јајниците, првиот обид во постапката за БПО со сопствен репродуктивен материјал (јаце клетки) да биде на товар на средствата на Фондот. Досега овие парови имаа право на ин-витро само со донаторски матерјал. Постапката за аплицирање останува иста, а за овие осигуренички ќе се овозможи право на инвитро со сопствени јајце клетки доколку установата која ја извршува постапката може да екстрахира јајце клетки од осигуреничката.

Во период јануари- јули 2014 година во постапкита за БПО за прв обид за прво дете 650 парови оствариле право, а за второ дете 100 парови оствариле право на инвитро на товар на ФЗОМ.

Втората новина се однесува на Владиниот проект „ Права на иселениците во здравствениот систем“.

Досега иселениците кои оствариле право на пензија во странска држава ,а кои имаат Македонско државјанство при привремен или траен престој во Р.Македонија, плаќаа здравствен придонес со највисока стапка. Станува збор за 13% од бруто пензијата која ја добиваат во странската држава.

Поради високите пензии од странство и тоа во Австралија, Нов Зеланд, Америка и Канада и други земји, иселениците не сакаат да стапат во здравствено осигурување и плаќаат приватно здравствени услуги во здравствените установи во Р.Македонија. Досега во здравствено осигурување се пријавиле 105 лица кои плаќат секој месец здравствено осигурување во просек од 10.000 денари а највисоките придонеси се 13.560 денари.

Од оваа причина, Фондот за здравствено осигурување на Македонија предложи на Владата да се донесат измени и дополнувања во Законот за здравствено осигурување и Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување со кои на државјаните на Р.Македонија кои примаат пензија или инвалиднина од странски носител на осигурување со кој Република Македонија нема склучено (превземено) Договор за социјално осигурување или пак Република Македонија има склучено (превземено) Договор за социјално осигурување но во него не е регулирана можноста за остварување на право на здравствено осигурување додека престојуваат на територијата на Републиката ќе им се даде олеснување во однос на висината на плаќање на придонесот за задолжително здравствено осигурување односно истите ќе се изедначат со осигурениците од член 5 став 2 од Законот за здравствено осигурување кои плаќаат придонес за здравствено осигурување на основица 100% од просечна плата односно околу 2.256,00 денари.

Очекуваните ефекти се стапување во здравствено осигурување на приближно 10.000 лица. Еднаквост на иселениците на Р.Македонија во делот на плаќањето на придонесот за задолжително здравствено осигурување кој ќе биде унифициран за сите иселеници и нема да биде во зависност од висината на пензијата и Еднаков третман на иселениците на Р.Македонија со осигурениците кои живеат на територијата на Р.Македонија.

Со законската измена која би требало да стапи на сила по 01.10.2014 година согласно акцискиот план прифатен од Владата, конечно ќе се стави крај на повеќе децениската неправда кон нашите сограѓани кои работниот век го поминале во страство, а по нивното враќање во родните огниша се во нееднаква положба во здравствениот систем.