Хорот „Про Арс“ ги донесе најпознатите духовни дела на „Охридско лето“

Дела од Ѓорѓи Свиридов, Наталија Хасцлер и Јуриј Фалик, тројца познати композитори од различни генерации донесе синоќа на „Охридско лето“, Камерниот мешан хор „Про Арс“.

На програмата беа најпознатите нивни дела кои ги изведоа членовите на овој професионален хор под диригентката палка на Сашо Татарчевски кој воедно е и раководител на овој камерен состав. Според Татарчевски, токму во хорската музика, а особено во духовната се кријат најголемите ремек дела,а токму такви имаше синоќа на репертоарот на „Охридско лето“.

Овој ансамбл, иако е млад и според периодот на делување, и според возраста на учесниците, работи многу активно и успешно се претставува на нашата сцена. Нивната мотивираност и посветеност на работата ја прикажаа и синоќа преку изведба на дела од современата хорска литература. Особено значајно е што голем дел од програмата се праизведбите што секогаш е поддржано од фестивалот“ – вели селекторот на Фестивалот Гордана Јосифова-Неделковска.

PRO_ARS_NASLOVNA

Професионалниот мешан хор „Про Арс“ е формиран во 2011 година, од страна на Татарчевски. Со високиот квалитет на изведбите, мобилноста и можноста за изведба на широк репертоар, „Про Арс“ видно отскокнува од останатите хорови во земјава. Уште од самиот почеток овој хор посебен акцент и посветеност дава на веќе постоечкото македонско хорско творештво, но и на поттикнувањето на авторите за пишување нова хорска музика.

Диригентот Сашо Татарчевски постојано постигнува успеси во Македонија и светот. Настапувал со голем број ансамбли во Македонија, но и надвор од неа – Португалија, Словенија, Шкотска, Швајцарија, Шпанија, Србија, Франција, Русија и др. Своето знаење постојано го надградува со учества на семинари и мајсторски курсеви кај познати диригенти во Њујорк, Рим, Москва, Берлин и Фиренца. Работи како вонреден професор на Факултетот за музичка уметност во Скопје, кадешто постигнува големи успеси со хорот „Драган Шуплевски“ на ФМУ. Истовремено е и раководител и диригент на професионалниот хор „Про Арс“, како и на Женскиот младински хор при МКЦ. Неодамна под неговото раководство се одржа Првиот интернационален хорски форум во Македонија.

PRO_ARS_sASO_TATARCEVS