Матурантите традиционално ги фрлаа капите на Антички

Традиционално, синоќа на Античкиот театар, со пригодна церемонија се одбележа свечениот момент на преминување на прагот на зрелоста на овогодинешната генерација матуранти.

„Денес, кога го завршувате средното образование, сакам во име на општина Охрид и мое лично име, да Ви упатам најискрени честитки за вложениот труд и постигнатиот успех. Во овие четири години, Вие учевте, созревавте, стекнувавте нови пријателства, стекнувавте нови искуства, всушност го учевте животот, а тој не секогаш беше лесен, полн со успеси, падови, угорници и удолници. Токму тие моменти, ќе бидат моментите кои ќе паметите цел живот. Тие спомени ќе бидат вашата водилка низ животот која ќе ви дава сила да се борите со пречки и да победувате. Сакам да ве уверам дека со завршувањето на ова поглавје не треба да застанете, напротив треба уште поенергично и пожестоко да продолжите да чекорите во животот. Да продолжите да го до оформувате вашето образование, како би прераснале во личности кои би го менувале светот, државата и градот. Ве охрабрувам никогаш да не запрете, иако борбата што ќе ја водите во никој случај нема да биде лесна и верувајте само од вас ќе зависи да дали ќе ги остварите вашите желби и мечти.

Не смееме да дозволиме и понатаму младите масовно да се иселуваат од државата. Тој негативен тренд треба да престане и вие со вашето знаење кое ќе го стекнете, користејќи го искуството на повозрасните, треба да го вложите во успехот и напредокот на градот и на нашата татковина. И сето тоа да е во чекор со најразвиените држави.

Ова вечер е ваша. Посветена на вашите заеднички средношколски мигови, нескриената радост од средношколските клупи. Но, пред вас се и студентските денови, професионалното вработување, формирање на семејство и сите предизвици и радости кои го сочинуваат животниот пат.

Она што јас би ви го препорачал Вам е : Секогаш да бидете свои, упорни, полни со позитивна енергија, енергични и со константна професионална посветеност. Затоа што тоа е единствениот клуч за вашиот успех, но и за успехот на нашето општество “- се обрати заменик-градоначалникот  Ангел Јанев.