Брилијантно второ полувреме и пресврт на пожртвуваните македонски кошаркари, кои одиграа најдобро кога најмногу требаше и апсолутно заслужено стигнаа до триумф над фаворизираниот противник. Тројката на Марко Симоновски на 3 секунди до крај од продолжението, го постави конечниот резултат.
Иако на моменти од првото полувреме Белгија успеваше да направи и двоцифрена разлика, нашите репрезентативци понесени од домашните навивачи успеаја со цврста одбрана во второто полувреме да направат комплетен пресврт и да стигнат до голем триумф за старт на квалификациите. Белгија погоди многу шутеви од далечина во првото полувреме, а додека нашата репрезентација токму во тој сегмент од играта имаше проблеми, гостинот замина на пауза со 36-23.
Сепак, со самиот почеток на второто полувреме, избраниците на Александар Џикиќ одиграа многу поангажирано во одбрана и сопирајќи го противникот на само два постигнати поени во шест минути игра од третата четвртина, брзо успеаја да ја вратат резултатската неизвесност. Откако Македонија го доби третиот период со 22-13, јасно беше дека ќе се оди во неизвесна завршница. На нешто повеќе од една минута до крај, Војдан Стојановски погоди слободно со кое изедначи на 62-62, а откако двете селекции промашија по еден шут на двете страни, Белгија ги имаше последните секунди. Муја тргна на влез, но Хендрикс одигра одлично во одбрана и веднаш проигра во контра до Војдан Стојановски, кој стигна навреме да исфрли за положување, но топката излезе од обрачот и се замина во продолжение.
А таму, Де Зеув погоди тројка за Белгија, но Војдан Стојановски и Бојан Трајковски брзо одговорија. Се играше кош за кош, а Боско со две прецизни слободни на 21 секунда до крај, изедначи на 73-73. Последниот напад го доби Македонија, а по добро одиграната акција, Марко Симоновски се најде сам по правовременото додавање од Војдан Стојановски и со прецизен шут за три поени, на 3 секунди до крај, донесе водство за Македонија од 76-73. Белгија немаше време за шут и нашите кошаркари прославија огромна победа за успешен старт на Квалификациите за Евробаскетот 2015.
Војдан Стојановски и Бојан Трајковски со по 16 поени беа најпрецизни во нашиот тим, каде Александар Костоски беше уште двоцифрен со 14 поени. Хендрикс реализираше 8 поени со 11 скокови и дури 5 блокади, доминирајќи ги рекетите на двете страни, пред се во одбраната, а големи заслуги за оваа победа одат и кај сите останати кошаркари од составот, додека сите имаа многу важни улоги во квалитетниот тимски перформанс.
По овој триумф, Македонија веќе утре вечер заминува за Данска, каде во среда го игра вториот натпревар од Квалификациите. Веднаш по тоа, ќе следуваат и уште две гостувања, против Белорусија и Белгија, додека последните две средби од Квалификациите ги играме повторно дома, кога на 24 и 27 август се среќаваме со Данска и Белорусија.