Јолевски: Македонија има стратегија за следниот НАТО самит

Македонија има стратегија за следниот самит на НАТО и таа стратегија ние веќе ја исполнуваме. Работиме на максимално презентирање на тоа што Република Македонија го има постигнато и на прашањето зошто земјава треба да добие покана за полноправно членство во Алијансата, нагласи министерот за одбрана Зоран Јолевски, кој денеска ја посети Воената Академија „Генерал Михаило Апостолски“ во скопската касарна „Гоце Делчев“.

Јолевски на Воената академија беше информиран за подготовките за учебната 2014-2015 година и за плановите за развој на оваа високообразовна институција, што е, потенцира тој, многу значајна за подготовка на квалитетни кадри во АРМ.

„На првиот конкурс се пријавија 128 кандидати и веќе сме во процес на селекција. Ќе се изберат 25 кандидати од Македонија, кои ќе студираат. Има пријавено кандидати од Црна Гора, Босна иХерцеговина и првпат ова година од Словенија“, изјави министерот Јолевски.

Целта е, потенцира тој, оваа Академија, каде што наставата ќе се држи на македонски, но и на англиски јазик, да прерасне во најелитна во регионот и во Европа. Воената академија покрај класичните воени студии, посочи, ќе се развива и во областа на сајбер безбедноста и логистиката.

„Очекуваме следниот семестар во пролет македонски кадет да отиде на размена на Воената академија Норвич во САД, а од следната година да имаме и студенти од САД на размена за еден семстар,“ информираше Јолевски.

Тој го посети и Регионалниот центар за односи со јавност – 26 НАТО партнерски центар за тренинг и едукација, единствен од ваков тип во Република Македонија, но и НАТО-мрежата на центри за обука. Во процесот на обука и едукација во РЦОЈ досега беа вклучени над 850 домашни и странски учесници. За потребите на Ценарот се обучени 25 домашни и регионални медиа тренери од норвешката консултантска куќа Медиа Ловен, финансирана од Министерството за одбрана на Кралството Норвешка. Медиа тренерите доаѓаат од Македонија, Хрватска од Босна и Херцеговина и од Косово. За престојниот втор курс откако Центарот е прераснат во НАТО центар за обука кој ќе се одржи од 15-19 септември годинава, досега има заинтересирани кандидати од Молдавија, Ерменија, Украина, Босна и Херцеговина, Хрватска, Црна Гора и од повеќе институции од Република Македонија.